Во КЈП „Водовод“ – Кочани 65 вработени останаа без договори за работа

51

Вкупно 65 вработени во комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани од денеска останаа без договори за работа откако им истече едногодишниот период во кој биле ангажирани преку агенција за привремени вработувања.

Работниците главно биле вработени за одржување на комуналната хигиена, зеленилото и јавните површини, а обвинија дека намерно се создава нетрпеливост и сериозен проблем во нормалното извршување на дел од секојдневни обврски. Од раковниот тим на претпријатието ги отфрлаат обвинувањата за некаква намера, а веќе се бара брзо решение преку склучување договори за дело.

– Се работи за чисто техничко прашање поради кое на работниците не им се продолжени договорите за вработување. Вработен во службата за јавни набавки не ја спровел навреме тендерската постапка за избор на агенција за привремени вработувања, поради што лицата останаа без ангажман. Во меѓувреме, почнавме да склучуваме договори за дело со истите работници, со што им обезбедуваме плата и платен персонален данок. Половината од договорите се потпишани, а тие ќе важат додека да се заврши процедурата за повторно времено вработување. Очекуваме тоа да трае околу еден ипол месец, по што ќе се врати претходната состојба. Од наша страна ќе преземеме мерки за да утврдиме дали станува збор за намера или небрежност во работењето кај работникот чија задача е да ја спроведе постапката, истакна Тоше Михајлов од раководството на КЈП „Водовод“.

За надминување на состојбата „Водовод“ веќе објавил нов повик преку Бирото за јавни набавки за ангажирање агенција за привремени вработувања, а за што се предвидени 25 милиони денари. Работниците ќе бидат вработени на една година, со платено здравствено и пензиско осигурување.