Во Кочани одбележана 70-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“

52

Во билиотеката „Искра“ во Кочани се одржа пригодно предавање со кое сe одбележа јубилејот – 70 години од снимањето и премиерното прикажување на првиот македонски игран филм „Фросина“.

Настанот беше дел од годишната програма за одбележување значајни датуми од културно-историското и материјалното наследство во државата, организиран во соработка со Кинотеката.

Преку изложба на фотографии и стручен библиотечен материјал поврзан со снимањето, за филмот и неговото значење за македонската кинематографија зборуваше Сунчица Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката.

– Кинотеката грижливо ги дигитализира старите македонски филмови, за да бидат што подостапни до публиката и да го заштитиме националното аудиовизуелно наследство. Воедно, преку изложба на фотографии од филмот сакаме да ја потсетиме публиката на впечатливите кадри кои ги отсликуваат ликовите на Фросина, Климе, Љуба, Крсте и сите други, истакна Веселиновска.

Од библиотеката „Искра“ нагласија дека со одбележувањетто на јубилејот на првиот македонски долгометражен филм, институцијата се приклучува кон валоризацијата и поддршката на домашното културно наследство.