Во Ирак е откриен древен град стар 3.400 години

81
Credit: University of Tübingen

Археолозите открија антички град во реката Тигар, во северната ирачка провинција Духок, кој датира од империјата Митани пред околу 3.400 години, јавува Анадолија.

„Најдовме древен град стар 3.400 години во округот Семел во Духок, кој датира од периодот Митани“, рече во понеделникот Бекеш Бирифкани, од Дирекцијата за историски артефакти и култура во провинцијата Духок.

Тој истакна дека областа била населена до 1985 година, пред да биде изградена браната Мосул во 1990 година, по што останала потопена.

Истакнувајќи дека во градот досега се откриени повеќе од 2.000 историски локалитети, Бирифкани рече дека и овогодинешните ископувања дале значајни резултати.

„И покрај илјадниците поминати години, ѕидовите и градбите високи неколку метри не се уништени“, рече тој.

Хасан Ахмед, шеф на Агенцијата за заштита на културното наследство (КРГ) на регионалната курдска управа, рече дека од почетокот на годината ја интензивирале работата поради повлекувањето на водата од реката Тигар.

„Овде вршиме ископувања со помош на германските универзитети Тибинген и Фрибург. Во овој антички град има остатоци од многу градби од периодот на империјата Митани. Древниот град што го најдовме се вика Захико“, рече Ахмед, повторувајќи дека и покрај времето во кое се градени и висината на градбите тие не беа уништени.

Извор:www.ancientpages.com