Во Грција од 1 јуни се намалува ДДВ-то, се очекуваат пониски цени

94

Од 1 јуни до 30 октомври 2020 година се намалува  ДДВ-то на 13 отсто со што се очекува намалување на цените на производите и услугите

За авионскиот, бродскиот, автобускиот и јавниот превоз, за кафето и сите безалкохолни пијалоци во кафулињата и угостителските објекти и за билетите за летните кина од 1 јуни до 31 октомври 2020 година ДДВ-то во Грција од 24 отсто се намалува на 13 отсто, со што се очекува да донесе и пониски цени за конкретните производи и услуги.

Доколку сопствениците на кафулињата и останатите угостителски објекти решат намаленото ДДВ да го спроведат директно на цените, тоа ќе значи дека во следните пет месеци, кафето и безалкохолните пијалоци, како што се соковите, чаевите и слично, ќе бидат меѓу 20 и 50 центи поевтини. Поконкретно, кафе, сок или чај што чини 3,5 евра, би можело да изнесува 3,20 евра, или пак од 4 да се намали на 3,65 евра.

Како што беше случај кога ДДВ-то се зголеми, а сопствениците решија разликата во цената да биде на нивни, а не на товар на клиентите, така и сега, не е исклучена можноста да се стори истото, па цените да бидат непроменети.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, изјави дека со новите даночни олеснувања, бизнисмените имаат секаква причина, дел од намалувањето на ДДВ-то да го спроведат во пониска цена за потрошувачите.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во неговата видеопорака до граѓаните, најавувајќи намалување на ДДВ-то од 24 на 13 отсто за превозните средства, рече дека знае колку е важен поевтиниот превоз со автобус, со брод и со авион.

Патувањето со воз од Скопје за Солун и назад сега чини 19,50 евра во двата правци, а со намаленото ДДВ, би требало да биде околу две евра поевтино, јавува дописничката на МИА од Атина.

Ова, во пракса, би значело, дека билетот за јавниот превоз во Атина, што сега е 1.40 евро, од 1 јуни би бил 1.28, но заменик-министерот за транспорт и инфраструктура на Грција, Јанис Кефалојанис, говорејќи за грчката телевизија Скај, рече дека ја разгледуваат можноста и дополнително да се намали цената. Во однос на останатите билети, на пример, доколку патувањето со брод до некој од грчките острови досега чинеше 80 евра, со намаленото ДДВ, би требало да чини 73 евра.

. Во однос на автобускиот превоз, на пример повратниот билет Атина – Солун сега е 59 евра, со намаленото ДДВ, би требало да биде 54 евра.