Во Офицерскиот дом на „Широк сокак“ во Битола, со потпишување на меморандум, е отворена Европска куќа. Просториите деновиве беа посетени од евроамбасадорот Дејвид Гир,  министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот Тони Коњановски. Одлуката за отворање Европска куќа, според Костадиновска-Стојчевска, е порака дека е уважена вистинската вредност и големина на Битола која е отворен широк сокак за добронамерните, за пријателите.

„Овој раскошен објект, чии темели се поставени пред 114 години, беше осакатен и, во февруари 2016, беше ставен на продажба. Со гласноста на битолчани, аукцијата беше повлечена, а со поддршка од ЕУ и од претходниот советнички состав на Општина Битола и локалната самоуправа, на Офицерскиот дом му се вратени убавиот лик и достоинството. Минатата година, со одлука на Владата, го прогласивме за културно наследство од особено, големо значење, со што објектот ужива највисок режим на заштита, каков што и му прилега“, посочува Костадиновска-Стојчевска.

Според евроамбасадорот Гир, овој простор во иднина ќе биде место каде што новата генерација млади луѓе ќе можат да се среќаваат и ќе разговараат за важни прашања поврзани со идниот правец на нашата земја кон Европската Унија.

„Навистина верувам дека граѓаните на Битола, Европската куќа ќе ја гледаат како наша куќа и наш дом“, рече Гир.

Градоначалникот на Битола, Коњановски, пак, додаде дека отворањето на Европската куќа, всушност, ќе биде продолжение на долгогодишната соработка и партнерство меѓу Делегацијата на Европската Унија и Општина Битола.