Вонредна седница на општинскиот кризен штаб во Ресен

75

 Општинскиот кризен штаб на Ресен, синоќа одржа вонредна седница со цел преземање дополнителни мерки и активности за заштита од Ковид-19, откако вчера официјално беше регистриран првиот случај на инфицирано лице со коронавирус.

На вонредниот состанок, градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски информира дека на подрачјето на општината ќе се зголемат превентивните мерки за заштита од Ковид-19 во институциите, како и меѓу граѓаните од кои се бара доследно почитување на мерките за заштита.

Ја задолживме епидемиолошката служба брзо и ефикасно да ја заврши анкетата за испитување на примарната и секундарната комуникација на граѓаните со лицето кај кое е потврден Ковид-19, ќе спроведеме вонредна дезинфекција на улиците во градот и наслените места, во училиштата и други објекти, а инспекторите ќе вршат засилена контрола во угостителските објекти и маркетите со цел утврдување на доследното почитување на утврдените мерки за заштита од Ковид-19, информира градоначалникот Гошаревски по синоќешната седница на општинскиот кризен штаб.

Општинскиот кризен штаб во Ресен ќе заседава континуирано по официјализирањето на првиот случај на инфицирано лице со Ковид-19 во тој град.

Извор:МИА