Возниот парк на граѓаните одамна е полнолетен, скапите џипови само го подобруваат просекот!

99

Улиците, па и тротоарите низ градовите ни се преполни со автомобили, но, во суштина, во Македонија ги нема премногу. Податоците на Државниот завод за статистика за 2020 година покажуваат дека на секои четири жители на државата има по еден автомобил, додека просекот на Европа е еден автомобил на двајца жители.

Граѓаните регистрирале  вкупно нешто над 477.000 автомобили. Ако во Европа на 1.000 жители има 500 автомобили, во Македонија на 1.000 жители има 260. Најголем е возниот парк во Скопскиот регион, а најмал е во Вардарскиот регион.

Последниот попис, пак, открива дека над 35 проценти од вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе користи автомобил до работа или до училиште, при што воланот е почесто во рацете на мажите, додека жените се на совозачкото седиште.

Иако по нашите улици и патишта в очи паѓаат најскапи џипови и други луксузни автомобили, вистинската слика за возниот парк на граѓаните е многу поинаква. Државата постојано го покачува еколошкиот стандард на возилата што треба да се увезат за да се заштити животната средина, па и покрај тоа, по патиштата се тркалаат возила со просечна старост од дваесетина години или поточно 19,4 години. Продавачите на половни возила велат дека најбарани се најевтините, а тие се практично и со најмногу поминати години од денот на производството, па ситуацијата станува сè полоша. Од 2015 година, кога била 18 години, во 2020 просечната старост се качила на 19,4 години. Над 88 проценти од возилата во тој период се постари од десет години, додека само 3,3 проценти немаат повеќе од  пет години.

Иако со години наназад развиените европски држави, особено Германија, ги исфрлаат од употреба дизел-возилата и сè повеќе се ориентираат кон електричните, кај нас ситуацијата е обратна. Поголемиот дел од граѓаните користат автомобил на дизел-погон. Такви се над 270 илјади од регистрираните возила минатата година, додека, пак, само 128 се електрични. Или, 57 проценти од вкупниот број патнички автомобили во земјава возат на дизел, само 0,03 се електрични, а 40 проценти полнат бензин. Податоците од регистрацијата покажуваат дека лани со вграден плински уред биле 11.720 или 2,5 проценти од автомобилите, метан како погонско гориво користеле 41, а алкохол три возила.

Релативно евтиниот и економичен дизел беше мамка за македонските граѓани да купат возило што користи такво гориво. Додека Европа се ослободуваше од нив како големи загадувачи, нивно буниште стана нашата држава. По македонските патишта бензинците последен пат доминирале во 2015 година, кога учествувале со 54 проценти. Веќе следната година, со 51 процент приматот го земаат дизелашите. Сега се очекува промена на „распоредот на силите“ затоа што цената на дизелот пред десетина дена за прв пат се качи над цената на бензините и оттогаш континуирано е повисока.

Кога се во прашање електричните возила, иако кај нас нивниот број е минорен, трендот е бавен, но поволен. Пред три години, во државата имало само 51 електрично возило, во 2020 бројот се зголемил на 69 за лани да се качи на 128. Тука мора да се каже дека граѓаните поседуваат само дел од регистрираните автомобили што возат на струја, а дел се на општините и јавните институции, кои ги набавија за да придонесат кон намалување на загадувањето на воздухот, особено во главниот град, каде што се речиси една третина од нив.

(С.В.)