Олексиј Новиков е официјално најсилниот човек на планетата, а таа титула ја доби на Флорида оваа година на познатото натпреварување „Најсилен човек во светот“.

На 24-годишна возраст, Украинецот стана и најмладиот што некогаш успеал и целиот свој живот го посветил на оваа цел. За да влезе во животна форма, Новиков мораше да се жртвува неколку пати и да се посвети на силен режим на тренинзи за кој беше потребно внесување на дури 7.000 калории на ден.

Тежок е 136 килограми и висок 185 сантиметри, а го храни организмот со обилни оброци, кои ги користи како гориво за напорен тренинг. Јаде шест пати на ден и внесува во просек помеѓу 5.000 и 7.000 калории.

  • Мојата редовна исхрана се состои од 5.000 до 7.000 калории на ден. Во неа има многу месо, јајца, каша и зеленчук. Тие се добри, големи порции и претежно само здрава храна, без шеќер, газирани сокови и други, лоши работи за организмот, истакна Олексиј Новиков.

Многумина беа изненадени од тактиката на Украинецот, кој намали на само два оброка пред годинашното натпреварување и ослабе 14 килограми пред турнирот. Новиков ја обвини американската храна за губење на апетит, а тоа, наводно, предизвикало големи проблеми со стомакот пред историското натпреварување.

  • Се чувствував лошо на натпреварот затоа што моите оброци во САД не беа добри. Водата таму е исто така различна, имав проблеми со стомакот, вели Украинецот.

Иако се придржува кон диета и специфична исхрана, тој понекогаш отстапува од ваквиот режим.

  • Јадам што сакам. Понекогаш слатки, сакам и крекери. Тоа е мојата омилена закуска. И навистина сакам сладолед. Нема многу такви работи во мојата исхрана, но ги сакам, додаде Новиков.

Новиков стана најсилниот човек на светот, соборувајќи го рекордот од 1984 година, кој го држеше Јон Пал Сигмарсон. Тој на зачудувачки начин крена шипка од 537 килограми до 46 сантиметри од земја и испиша историја. Подвигот што го направи го расплака, а не можеше да ги сокрие ниту солзите кои се појавија во неговите очи.

  • Бев неверојатно среќен, па дури и малку плачев. Беше одлична конкуренција и сè уште не сум свесен што направив, заврши најсилниот човек на светот.