Младите волонтери на Црвениот крст оваа година вложиле 34.027 волонтерски часа, а им помогнале на околу 4.000 луѓе, со тоа што собрале 32.000 евра од заедницата и потоа повторно ги вложиле во заедницата. За да ги соберат овие средства, тие прават многу активности во кои што е вклучена целата заедница.

Ова се само дел од податоците од годинешната реализација на програмата „Црвениот крст во акција и промоција на хумани вредности“, која повеќе од 20 години се имплементира во нашата земја, во согласност со проблемите и потребите.

Волонтерите на Црвениот крст му помогнале на старо социјално загрозено лице кое што живее само, во Охрид. Тие го реновирале нејзиното живеалиште кое било целосно во влага, го варосале, и донеле потребен мебел, го однеле на излет и поминувале одредено време со него.

– За да соберат средства младите волонтери направија велосипедска трка во Охрид, во која се вклучија граѓани и донираа средства за таа цел, објасни Александра Ристовски од Црвениот крст на Град Скопје, национален координатор на ПХВ-програмата.

Таа додава дека младите самите ја одредуваат целната група на која ќе помогнат, го осмислуваат проектот и начинот на кој тоа ќе се финансира.

Како еколошки проект кој што е реализиран преку оваа ПХВ-програма, Ристовски го напомена оној што е реализиран во Скопската зоолошка градина.

– Средствата што ги собраа волонтерите ги наменија за засадување на 20 дрвца во Зоолошката градина и го украсија ѕидот за да им биде попријатно на посетителите – вели Ристовски.

Како проект преку кој што се промовира културата, соживотот на различни етнички групи во земјава таа го наведе проектот во рамките на кој група ученици Албанци организирале курс по албански јазик за нивните другари од Црвениот крст за да го научат нивниот јазик и обратно.

– Граѓаните ја поддржуваат хуманоста и сакаат да работат и да им излезат во пресрет на младите волонтери. При тоа, проектите преку кои тие им помагаат на граѓаните се најразлични, а темата е препознавање на различности. Станува збор за хуманитарни проекти за помош на лица, поддршка на дневни центри и институции, како и еколошки проекти и и проекти преку кои што се промовира културата, соживотот на различните етнички групи во земјава – објасни Ристовски.

Таа потенцираше дека оваа програма претставува алатка за регрутирање и задржување на волонтери во организацијата на Црвениот крст на Град Скопје.

Во рамките на оваа програма на годишно ниво се обучуваат околу 1.100 младинци на возраст од 13 до 17 години, 40 дисеминатори што го водат процесот и 30 ПХВ инструктори што ги реализираат обуките.

– Преку соодветна едукација сакаме да ја смениме дневната рутина на младите луѓе, да ги поттикнеме да бидат активни чинители во заедницата, односно да ги охрабриме да прават добри дела во својата заедница, но и повеќе да се социјализираат. Во програмата се вклучени млади од различни етнички заедници, што значи дека ние ја промовираме културата на дијалог како основен предуслов за создавање на интеркултурно општество, даваме можност младите луѓе да се запознаат меѓусебно и да комуницираат, а на тој начин ги промовираме, мирот, толеранцијата и соживотот во нашата земја – истакна Александра Ристовски, национален координатор на ПХВ Програмата.

Таа објасни дека по добивање на соодветна обука, младите се подготвени  за истражување и за избор на својата целна група.

– На проблемот целосно му пристапуваат и бараат целосно решение. Тие имаат поддршка од дисеминаторот, од општинската организација на Црвениот крст, од своите родители, од многу компании и поединци во нивната заедница – истакна Ристовски.

Таа заклучи дека Црвениот крст како организација инвестира во работата со младите луѓе, ги промовира позитивните вредности, бидејќи овие млади луѓе во иднина ќе бидат како што вели лидери во нашата заедница и треба да го знаат позитивниот пат по кој што треба да се движиме сите ние.

(А.П.)-Фото: Ѕ. Плавевски