Вицепремиерот Димитров на онлајн состанок во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“

24

По работниот состанок во Белград одржан минатата недела, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров како претставник на Владата, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, денеска учествуваа на последователниот онлајн состанок во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

На состанокот, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, биле присутни и претставниците на стопанските комори од трите земји и надлежните институции односно ресорните министерства за финансии, економија и за земјоделство, како и на националните агенции за безбедност на храната и царинските и даночните управи, со цел да се утврдат проблематичните точки за олеснување на трговијата, со посебен фокус на увозот, извозот и транзитот и практичните начини за нивно надминување, како чекори што треба да се преземат до следниот лидерски состанок во Тирана предвиден за декември годинава.

Вицепремиерот Димитров истакна дека покрај силната политичка волја, постојат и веќе воспоставени механизми кои треба да се стават во функција за да се испорачаат конкретни резултати.

– Нашиот предизвик за следниот период е како да ја надминеме пречката што се однесува на соодветна имплементација на договорените мерки и активности, што со заедничка заложба е апсолутно возможно, истакна Димитров.

Координацијата резултирала со определување на термин за работен состанок на ниво на надлежни институции, а во таа насока била потенцирана и улогата на Советот за имплементација.