Вокално-инструменталниот состав „Аманет“, на 1 април (20 часот), во Националната опера и балет со концертот насловен „Многу мерак имам“ ќе го одбележи јубилејот, пет години од своето постоење. Овој состав располага со богат репертоар, којшто се состои од традиционални ора и песни од повеќе региони во Македонија, изведувани на традиционални инструменти како кавал, гајда, шупелка, тамбура, ќемане и тапан.

Присутните ќе имаат можност да уживаат во изведбата на народните песни „Девојче, девојче, црвено јаболче”, „Многу мерак имам, бабо” и „Зачукале тапаните” како и некои постари песни кои за првпат ќе имаат можност да ги слушнат. Ќе бидат изведени и ората “Чучук”, “Штипска крстачка” , “Ситна лиса”… Инаку, групата е составена од 11 членови: Андреј Трајковски, Роберт Ангеловски, Филип Арилон , Новица Крстевски, Оливер Настовски, Христијан Јаневски, Јане Крстевски и Никола Волканоски – инструменталисти, додека како вокали настапуваат Симона Петковска, Ивана Чаловска-Ангеловска и Ленче Димовска. Како гости, пак, ќе настапат инструменталистите Стојче Трајанов и Џељо Дестановски, како и  долгогодишен соработник на ВИС “Аманет“, Владо Дојчиноски.

ВИС „Аманет” има реализирано повеќе концерти, настани и хуманитарни акции, а соработува и со неколку културно-уметнички друштва, со чија помош заемно придонесуваат за афирмација на македонскиот фолклор во светот.

„Иако сме релативно млада група, нашата мисија и цел е да ја сочуваме традицијата и тоа токму ширејќи го звукот на таа традиција. За возврат, многупати сме биле наградени со награди и признанија, кои се само поттик да продолжиме да ја шириме нашата мисија, светот да ја слушне македонската традиционална песна“, велат од „Аманет”.