Високите сметки за струја ќе ги банкротираат комуналните претпријатија

509

 Доколку уште утре или до крајот на неделата не се превземе нешто околу намалување на сметките за електрична енергија, јавните комунални претпријатија ќе се соочат со банкрот, истакнаа денеска од АДКОМ. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски потврди дека сметките за електрична енергија на претпријатијата се енормно високи. – Минатата недела ние одржавме состанок со Управниот одбор на АДКОМ. Месечните сметки за потрошена електрична енергија на некои од јавните комунални претпријатија се повисоки од нивниот вкупен приход, изјави Бислимоски

Доколку уште утре или до крајот на неделата не се превземе нешто околу намалување на сметките за електрична енергија, јавните комунални претпријатија ќе се соочат со банкрот. Ова денеска го истакна претседателот на Здружението АДКОМ, Пеце Милевски по, како што рече, последната дебата за решавање на проблемот со високите сметки за електрична енергија.

Тој  нагласи дека некои од јавните комунални претпријатија добиле и десет пати зголемени сметки за електрична енергија, што значи, според него, има зголемување на цената на електричната енергија за 1.000%.

Милевски рече дека во ваква тешка ситуација јавните комунални претпријатија имаат два избора – или финансиски банкрот и престанок на услугите или јавните комунални претпријатија да поднесат нови пресметки до Регулаторната комисија за промена на цените на услугите.

– Корекциите ќе бидат различни, а Регулаторната комисија за енергетика ќе треба да донесе разумна одлука – вели Милевски, предлагајќи јавните комунални претпријатија да плаќаат струја по единствена цена, односно 5,28 денари по киловат/час.

Според него трајно решение е промена на тарифата. Тој истакна дека иако во изминатив период имале повеќе апели за средби со претставници на Владата, слух за нивниот проблем имале само во ЗЕЛС.     

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски потврди дека сметките за електрична енергија на претпријатијата се енормно високи.

– Минатата недела ние одржавме состанок со Управниот одбор на АДКОМ. Месечните сметки за потрошена електрична енергија на некои од јавните комунални претпријатија се повисоки од нивниот вкупен приход – изјави Бислимоски и потенцираше има предлози од претпријатијата за кои Регулаторната комисија не е надлежна, но е факт дека треба да им се помогне.

Тој рече дека треба да се гледа во насока на тоа што Владата настојува да се најде поефтин гас, за што се преговара со Бугарија , но и да се обезбеди локално производство на електрична енергија од ТЕЦ Неготино, Те-То и на тој начин да се создаде вкупно портфолио на електрична енергија во кое ќе бидат вклучени и јавните комунални претпријатија и компаниите кои се во незавидна ситуација.

– Верувам дека Европската комисија во наредниот период ќе донесе ограничување на цените на електричната енергија и природниот гас, бидејќи ваквите цени не може да ги издржат не само нашите, туку ниту една европаска компанија – смета Бислимоски.

Тој додаде дека со воведувањето на ограничувањето на цената на електричната енергија ќе се стабилизираат пазарите и на електричната енергија и на природниот гас.

Во однос на јавните комунални претпријатија, Бислимоски истакна дека и тие треба да поработат на намалување на загубите на вода.

– Во државата во просек имаме 65 проценти загуби на вода и тоа е неиздржливо. Исто како во фабрика од 100 коли 65 да не се добри, а од другите 35 само од нив да живеете – изјави Бислимоски.

Тој посочи дека мора да се реализраат и инвестиции во водоводната мрежа.

– Ние предлагаме неколку тарифи, па потоа советот на оптштините гласаат. И што покажува праксата: поради евтин популизам сите ја одбираат минималната тарифа. И граѓаните купуваат вода во флаши, кога нема вода. И пак се парите потрошени повеќе, а во мрежата не е инвестирано – изјави Бислимоски.

Тој предлага РКЕ да ја определува крајната цена на водните услуги, бидејќи до сега јавните комунални претпријатија ја одбирале минимална граница, а не максималната граница на цената која ја одредуваше комисијата.

(А.П.)