Вилма до Катица: Вие, колешке, да мислевте, немаше да бидете во оваа судница

109

Со пуштање снимки кои како докази ги доставил сведокот Јордан Камчев вчера во Кривичниот суд продолжи рочиштето за случајот „Рекет“ во кое првообвинет е Бојан Јовановски-Боки 13.

Рочиштето не почна навреме поради задоцнетото спроведување во судот на второобвинетата Катица Јанева од домашен притвор.

Снимките од италијанскиот весник „Ла Верита”, кои се презентираа во судот адвокатите на обвинетите ги оценија како неавтентични, а според Сашо Дуковски, кој го брани Бојан Јовановски, Камчев, кој ги доставил тие материјали до обвинителството, е осомничен во друг предмет и негова цел е неговиот клиент да се прогласи за виновен.

-Самостојна интерпретација е дека стануваа збор за разговори меѓу Јордан Камчев и Бојан Јовановски, тоа не може да се утврди, реагираше адвокатот Дуковски. Своја забелешка имаше и обвинетиот Боки 13, кој истакна дека стануваа збор за груба аматерска монтажа.

Обвинителката Вилма Рускоска претходно информира дека овие разговори не се обезбедени со посебни истражни мерки и дека немаат датум.

Од пуштените снимки во судницата можеше да се чуе како Боки 13 му нуди на Камчев да соработува за предметот „Империја”. Го советува да прифати дел од вината и да плати отштета. На овој начин, според Боки 13 ќе се затворел предметот „Империја” кој се водел против Камчев.

-Сакам да ми кажеш што добивам, како добивам и кога добивам. Сакам сите да бидат задоволни. Јас сум директен човек. Кажи оваа ќе биде во февруари, оваа во март и да го исполнам својот дел, вели Камчев.

Се слуша и разговор за операција за стеснување на желудникот на Катица Јанева, кој го водат Боки 13, Орце и Ана Камчеви и Зоран Милески-Кичеец. Боки 13 вели дека Катица Јанева требало да се оперира кај Жан Митрев, а последно, за што наводно тој ја убедил, е да оди во болницата “8 Септември”. Се споменува и дека за оваа операција, која е од естетски причини, не треба да дознае јавноста.

Пуштани се и разговори во врска со ослободување од притвор и враќање на пасошот на Камчев. Боки цело време споменува „жената“, а за сумата што треба да се плати зборува во шифри. На Камчев му се обраќа со „срце мое“ и му објаснува дека пасошот наскоро ќе му биде вратен.

Судијката побара исклучување на јавноста при презентирање на содржината на еден фајл од УСБ снимен од Зоран Милевски, со образложение дека со тоа треба да ја заштити приватноста на Боки 13 и Зоран Милевски- Кичеец, кој веќе призна вина и е осуден на три години затвор. Но, Јанева побара таа содржина да се слуша, зашто, како што рече, така ќе се види кој манипулира и што е поткуп, а што рекет. Ова беше причина за кавга во судницата. Јанева и рече на обвинителката Вилма Рускоска дека требало на време да мисли какви докази предлага, а таа и врати: “Вие да мислевте немаше да бидеме во оваа судница”. Боки 13 се вклучи и додаде дека да не била конструкцијата на Русковска, исто така не би биле во судница, а судијката Васка Николовска Масевскаим се закани дека ќе ги отстрани од судница.

Случајот „Рекет” го води Кривичниот совет предводен од судијката Васка Николовска-Масевска, а обвинението го застапува шефицата на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, Вилма Рускоска.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.