(ВИДЕО) Шведска повторно ја отвора истрагата против Асанж за силување

112

Заменичката на шведскиот обвинител Ева Мари Першон одржа конференција за новинарите и објави дека шведските власти повторно ќе ја отворат прелиминарната истрага за наводното сексуално злоставување од страна на Џулијан Асанж, јави РТ.

-Сметам дека постојат оправдани причини истрагата да продолжи. Ќе бараме Џулијан Асанж да и се испорача на Шведска. Одлуката дали приоритет за екстрадиција ќе има Шведска или САД му ја оставаме на британскиот суд, рече Першон.

Асанж, кој ги негира обвинувањата, одбегна испорачување на Шведска во текот на претходните седум години откако во 2012 година побара засолниште во еквадорската амбасада во Лондон, пишува Би-би-си.

Но, Еквадор минатиот месец на 47-годишнито Асанж му го укина азилот и го исфрли од амбасадата, по што британскиот суд го осуди на 50 недели затвор поради кршење на условите за пуштање со кауција.

Освен Шведска, испорачувањето на Асанж го сака и САД. Имено САД сакаат да го процесуираат поради обвиненија дека во јавност пуштил доверливи воени и дипломатски документи во 2010 година.

Според шведскиот закон, постапката против Асанж обвинителите можат да ја водат до август 2020 година кога на сила стапува застарување.