Велосипедистите мораат да возат слалом, а пешаците да внимаваат да не се сопнат од ѓубрето

878

Жителите на општина Бутел реагираат дека иако се скоро реконструирани, велосипедските и пешачките патеки на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“  се полни со смет кој го исфрлаат несовесни граѓани.

Тие на социјалните мрежи постирале и фотографии од кои може да се види дека на патеките на овој булевар може да се видат кревет, градежен шут и секаков отпад, па велосипедистите кои возат велосипед или пешачат мораат да внимаваат на ваквите препреки и нечистотии на патеките.

-Градоначалникот, Велимир Смилевски треба и мора да се грижи пред сè и над сè за чистотата, безбедноста и хигиената во Општина Бутел. На нашата општина ѝ треба чистота и зеленило онака како што знаеме и паметиме, а не шут, депонии и бетонизација. Бутел сака да дише. Бутел сака здрава средина и живеење.

Освен тоа, на социјалните мрежи граѓаните реагираат дека долж булеварот нема ниту една табла или знак дека е забрането фрлање на шут и отпад и дека истото е казниво.

-За општина рекордер и со најголема општинска администрација и најмногу комунални инспектори по глава на жител недозволиво е ваква состојба да стои со месеци! Работата на општината е да се грижи и да внимава на местата и да ги казнува несовесните граѓани за нивните прекршоци – потенцираат граѓаните.

Но, има и такви кои сметаат дека за ваквата грда слика се виновни самите луѓе.

Така Вангелица Гавровска коментира: „Додека не проработи свеста кај народот никој не може да исчисти“.

Снежана Јовановска пак вели: „Ние сме гнаса од луѓе, значи што може човек да направи никој не може. Животните се почисти од луѓето“.

Од Општина Бутел велат дека во континуитет го расчистуваат отпадот и сметот од јавните површини на повеќе локации кој е предизвикан од несовесни граѓани.

Конкретно, за наведената локација, скоро секој месец нашата комунална редарска служба го чисти булеварот. Ова што сега е наталожено како кабаст отпад е од последниов месец и планираме да го исчистиме во текот на неделава. Имено, од вчера со јавното претпријатие „Комунална хигиена“ започна акција за собирање на кабаст отпад која ќе трае до 22 мај 2021 година. Предвидени се четири локации каде што ќе бидат поставени контејнери за одложување на отпадот, и тоа во населбата Радишани, Бутел 1, Бутел 2 и Скопје Север -образложуваат од Општина Бутел и додаваат дека поради овој проблем, кој според општинските власти се јавува во континуитет, се изработени метални табли со испечатен дежурен телефонски број за несовесно фрлање на отпад. Тие ќе бидат поставени во сите населени места на територијата на општината каде што граѓаните го одложуваат отпадот на јавните зелени површини.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека работат според однапред утврдени План и Програма и секој ден со цистерни ги мијат и чистат булеварите во градот.

-За наведениот булевар досега сме немале никакви пријава на дежурниот телефон. Ние секој ден ги празниме контејнерите и ги чистиме и миеме булеварите, а тоа што по еден час повторно несовесни граѓани создаваат ѓубре не е наша вина – велат од јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

(А.П.)