Велика Британија ги заострува санкциите против Русија

53

Британското Министерство за надворешни работи в понеделник ќе објави дека ќе ги заостри санкциите против Русија во случај на инвазија на Украина, изјави за ТАСС добро информиран извор близок до британската Влада.

– Се очекува Форин офисот во Парламентот да објави дека ќе ги заостри санкциите против Русија за да може Британија да ги таргетира руските стратешки и финансиски интереси, истакна изворот, кој не прецизираше дали станува збор за усвојување нови или ажурирање на постоечките санкции.

Изворот, исто така, додаде дека премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, разговарал за тактиките и опциите за санкции со Министерството за надворешни работи минатата недела, пред да ја информира Владата за ситуацијата и следните чекори.

– Британија ќе се приклучи на седницата на Советот за безбедност на ОН в понеделник во Њујорк во обид да изврши дополнителен притисок врз Русија со цел да се решат работите преку дипломатски пат и да се избегне воена солуција. Британија ќе ја искористи таа средба за да ја открие руската приказна полна со дупки и да ги претстави фактите, заклучи изворот.

Претходно, Би Би Си објави дека Џонсон во наредните денови ќе има телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.