Велешкиот градоначалник Коцевски ги прими гимназијалците што освоија второ место на Европскиот квиз на парите

94

Учениците од велешката Гимназија „Кочо Рацин“ петнаесетгодишните Викторија Панова и Марко Инѓилизов на 6 и 7 мај во Брисел на Европскиот квиз на парите што го организира Европската банкарска федерација во конкуренција од 56 финалисти од 28 европски држави од 13 до 15 години го освоија второто место и сребрениот медал и пехар. На натпреварот учествувале 100 илјади натпреварувачи од Европа и три илјади од земјава. Нив и нивниот ментор професорот Марјан Стојановски и директорот на гимназијата  Гоце Алексовски денеска ги прими градоначалникот Аце Коцевски.

–Со големо задоволство ја примив веста за вашиот успех и ви честитам за постигнатото. Младите и талентирани ученици се гордост, не само за семејството и училиштето, туку и на градот и државата. Вие на најубав начин преку знаењето сте вистински амбасадори на Велес, им порача Коцевски

Викторија Панова појасни дека со овој натпревар Европа дознала за нашата земја и велешката гимназија.

-Овој натпревар за нас беше едно големо искуство, а учеството на овој натпревар ни отвора многу врати за напредување во економијата, потенцира Викторија.

Тие за само неколку поени биле послаби од нивните врсници од Словенија кои го освоиле првото место,а трети за нив биле нивните врсници од Германија.

Инаку овој натпревар се одржува веќе две години и се однесува на теми од финансискиот менаџмент. Македонскиот тим, од велешката гимназија покрај освоеното второ место, од организаторот доби и парична награда во износ од две илјади евра, наменета за наставата на училиштето.

Иницијатор на овој натпревар во земјава е Македонската Банкарска Асоцијација во соработка со Народната Банка и МОН и Кoмисијата за хартии од вредност.