Ваучерите за туризам ќе може да се користат и преку туристички агенции

Министерството за економија овозможи сите лиценцирани туристички агенции, кои сакаат да работат со ваучери за туризам, да може дополнително да се регистрираат на платформата „Дома си е дома“ заклучно со 10 август

108

Лиценцираните туристички агенции кои сакаат да работат со ваучери за туризам до 10 август може дополнително да се регистрираат на платформата „Дома си е дома“, информира Министерството за економија.

На тој начин, граѓаните кои добиле ваучери за туризам, освен во сместувачките капацитети ќе можат да ги искористат ваучерите и преку туристичките агенции кои ќе се регистрираат на платформата.

-Согласно Уредбата со законска сила за издавање ваучери за туризам на вработени лица со низок доход заради поттикнување на домашниот туризам за време на вонредна состојба, Министерството за економија ги повикува сите лиценцирани туристички агенции кои сакаат да работат со ваучери за туризам, во рамки на нивните понуди да вклучат и можност за резервација со ваучери за туризам издадени од страна на Министерството за економија преку платформата domasiedoma.gov.mk. За таа цел туристичките агенции ќе треба да се регистрираат на платформата domasiedoma.gov.mk со цел добивање пристап во платформата заклучно со 10 август 2020, наведува Министерството.

За да исполнуваат услови за пристап до платформата, туристичките агенции треба да имаат валидна лиценца за работа издадена од Министерството за економија и да ја прикачат на платформата. Агенциите кои претходно се имаат пријавено на платформата „Дома си е дома“, а ги исполнуваат условите автоматски ќе бидат одобрени од страна на Министерството за економија.

-Туристичките агенции во рамки на понудите можат да понудат сместување, а и да вклучат дополнителни услуги како превоз до туристичките центри, екскурзии, водичи, прошетки. При реализација на ваучерот преку туристичка агенција, агенциите треба да имаат склучени договори со објектите за сместување (категоризирани). Туристичката агенција треба да води евиденција за секој корисник на ваучер и тоа име и презиме на носителот на ваучерот, термин кога се користи ваучерите и назив на објектот во кој ваучерот ќе се користи. Доколку туристичката агенција нуди аранжмани, во договорот за аранжман треба да стои име и презиме на носителот на ваучерот, термин и времето кога истиот ќе се користи и во кој објект, објаснува Министерството.

Туристичките агенции до Министерство за економија ќе достават фактура за плаќање на искористените ваучери за туризам со кодовите од ваучерот за туризам и име и презиме на носителот на ваучерот, име на објектот каде лицето престојувало и договори со угостителските објекти и објектите за сместување каде се искористени ваучерите. Со оваа можност, освен на туристичките агенции, Министерството им излегува во пресрет и на граѓаните кои имаат ваучери за туризам за да може да го искористат за повеќе услуги преку туристички агенции како што е превоз до туристичките места.

За 20 дена откако стартуваше мерката ваучери за домашен туризам до денеска искористени се над 8.400 ваучери. Ваучерите граѓаните ќе може да ги искористат до 15 декември 2020 година.