Васил Скрчески го искачи врвот Ленин и го развиори македонското знаме

148

 Иако по професија адвокат, Васил Скрчески е еден од вљубениците во планинарењето, но е и меѓу десетте македонски планинари кои го искачија највисокиот врв Ленин на Трансалајскиот масив во Централна Азија и на Памир во Таџикистан, кој е на надморска височина од 7.134 метри. Тој пет години членува  во планинарскиот клуб „J love Hiking Group Macedonia“ од Скопје. Негов предизвик, а и на уште тројца членови на овој клуб бил да го освојат овој врв и во тоа успеаја, кога заедно со Филип Костадинов, на 25 овој месец точно во 7:20 часот го развиорија македонското знаме на врвот Ленин

Иако по професија адвокат, Васил Скрчески е еден од вљубениците во планинарењето, но е и меѓу десетте македонски планинари кои го искачија највисокиот врв Ленин на Трансалајскиот масив во Централна Азија и на Памир во Таџикистан кој е на надморска височина од 7.134 метри. Тој пет години членува  во планинарскиот клуб „J love Hiking Group Macedonia“ од Скопје. Негов предизвик, а и на уште тројца членови на овој клуб бил да го освојат овој врв и во тоа успеаја, кога заедно со Филип Костадинов, на 25 овој месец точно во 7:20 часот го развиорија македонското знаме на врвот „Ленин“.

Планинарската авантура на четворицата претставници од клубот „J love Hiking Groip Macedonia“, Васил Скрчески, Дејан Доневски, Даниел Јовановски и Филип Костадинов почнала на 3 јули 2021 година, кога се сместиле во базниот камп на 3.400 метри надморска височина.

-Базниот камп е еден вид сместување и можност за аклиматизација на телото која ја правевме на соседниот врв од базниот камп. Целата постапка на качување е движење од базниот камп, кон кампот С1 кој е на 4.400 метри надморска височина, каде што се престојува ден до два, потоа повторно движење кон кампот С2, кој е на 5.300 метри надморска височина, каде што исто така се престојува ден до два и движење кон кампот С3, на 6.100 метри надморска височина каде што се престојува еден ден и потоа повторно назад кон базниот камп-објаснува Скрчески и додава дека за да биде успешна акцијата сево ова мора да се повтори два пати.     

За предизвикот да биде уште поголем, четиричлената група морала да чека 11 дена да се подобрат временските услови.

-Моравме да чекаме да се подобрат временските услови. Времето беше многу студено и променливо со врнежи од снег. Имаше и две лавини кои најверојатно се случија како резултат на земјотресот во Таџикистан. Сето тоа ја промени патеката која дотогаш беше предвидена за движење повеќе од 20 години. Морам да истакнам дека имаше и многу голема разлика во температурата меѓу камповите. Така температурата од кампот С1 до С2 беше 20 степени Целзиусови додека од кампот С2 до С3 беше -20 степени Целзиусови – вели Скрчески.

Додека чекале да се подобрат временските услови тие 11 дена, температурата достигнувала и до -60 степени Целзиусови, а дувал и силен ветер од 40 до 50 километри на час, кој како што вели Скрчески може да турне и човек од 100 килограми.

Обидот да го освојат врвот конечно им почнал рано утрото во 3 часот на 20 јули.

-Во 3 часот наутро започна обидот за искачување  од кампот С3 на 6.100 метри надморска височина кон врвот кој  е на 7.134 метри надморска височина и тоа со товар на нас од околу 20 килограми, опрема, храна, на секој од нас. За жал, поради висинска болест и студеното време, двајцата членови од екипажот се откажаа – вели Скрчески. Според него целиот обид траел 8 часа, а на им крајот била организирана мала церемонија за доделување на сертификат за искачен врв.

Како што истакна Скрчески во истиот период додека чекале да се подобрат временските услови имало уште две екипи од Македонија, така што вкупно биле девет Македонци. Од нив само четворица го искачиле врвот, а меѓу нив имало и една жена.

Освен овој врв во 2019 година Скрчески го искачил и врвот Елбрус во Русија со 5.642 метри надморска височина, а во 2018 година и врвот Монблан.

(А.П.)