„Што ти значи живот. Вчера разговаравме и се шегувавме, не можам да поведувам дека повеќе го нема Буштур – тажно“, се присети балканскиот пејач Ален Исламовиќ кој неколку часа пред трагедијата во која загина Благоја Георгиевски, беше заедно легендарниот македонски кошаркар.

Буштур загина во средата навечер во сообраќајна несреќа во скопската населба Кисела Вода, само половина час откако се поздравил со пејачот на Бијело Дугме.

Исламовиќ во интервју за „Спортске новости“ откри дека Буштур таа вечер не консумирал алкохол, а воедно верува дека причина за несреќата бил инфаркт.

  • Откако завршив со сите обврски во Скопје, нормално, му се јавив на Буштур. Тој одма ми кажа „Алане, одиме на вечера“, но јас го одбив предлогот бидејќи само што вечерав. Бевме во еден локал од 21:30 часот до 22:30. Често пати знаевме да останеме и многу подолго, сега ми е жал што не беше така, но морав да преспијам бидејќи ме чекаше долг пат за Загреб. Се договоривме дека следен пат кога ќе одам во Скопје, таа средба да биде подолга, но тоа повеќе нема да се случи. Тој беше легенда, великан во кошаркарскиот свет и пред се човек. Буштур таа вечер не консумираше алкохол. Ние пиевме „шприцер“ (бело вино и кисела вода), додека тој пиеше кафе и минерална вода. Сите приказни за било каков алкохолизам како причина за несреќаат паѓаат во вода. Мене ми падна на памет дека можеби срцето го издаде. Слушнав дека удрил во бетонски столб, па си реков, тој сигурно брзо не возел, можеби загубил контрола над возилото. Во секој случај ова е една хорор трагедија.