Бугарскиот Парламент го присвои 24 Мај како Ден на бугарската азбука

142

Бугарскиот парламент го прекрсти националниот празник 24 Мај. Од Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо пратениците изгласаа да се преименува во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, за бугарската азбука, образование и култура и за словенската литература, објави БГНЕС.

Измените на Законот за работни односи добија поддршка од ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, како и од Обединети патриоти. Бугарските социјалисти се спротиставиле на преименувањето, со образложение дека Законот за работни односи не е место за решавање на историски спорови.

Согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и врз основа на извештајот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, македонската Влада минатата година прифати заедничко чествување со Бугарија на св. Кирил и Методиј.

Откако на 1 октомври бугарското Собрание со 73 гласа за, 4 против и 34 воздржани го усвои во прво читање предлогот за преименување празникот 24 Мај, конечното гласање се случи вчера, токму на денот на првата официјална посета и средбите на Владо Бучковски, во својство на специјален претставник на Владата за Бугарија, со цел да се обнови нарушената доверба меѓу двете земји, како што изјавија на заедничката прес-конференција Бучковски и бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. (В.С.Н.)