Бугарија најавува отворање на нови 20 бугарски клубови во Македонија за преку нив да ја шири својата вистина и да работи на поврзување на граѓаните од двете држави. Отворањето ќе го финансира бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски, кој претходно застана зад отврањето на клубовите „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Во меѓувреме, за клубовите во Битола и Охрид се води постапка за ширење на говор на омраза, а клубовите не го испочитуваа рокот за промена на спорните содржини во статутите и програмите за работа.

 

Според дипломатот Ристо Никовски, најавата за ширење на бугарски клубови низ државата е во насока на планот на Софија за бугаризација на Македонија.

-Најавата на Софија за нови, бројни нивни клубови низ државава воопшто не зачудува, напротив тоа можеше да се очекува. Прво и клучно што мора да се знае е дека зад таа идеја не е некаков бизнисмен, туку стои официјална Софија и тоа е нивниот план за бугаризација на Македонија. А, пак, самиот факт што ние во државава се однесуваме неодговорно, несовесно, тоа покажува дека ние ширум ги отвораме вратите за една таква нивна експанзија. Ние не смеевме да дозволиме да се отворат клубови со такви имиња, бидејќи не мора да има закон, ако некој нешто прави што е противзаконско, ненормално, против современите сфаќања. По логиката на самите нешта се кажува дека такво нешто не може. Кај нас очигледно политиката диктира да се постапува според некакви замисли на врвот од земјата, којшто цело време го витка вратот пред бугарската експанзија за да ни се случува ова, изјави за весникот ВЕЧЕР, дипломатот Никовски. 

Најавата за отворањето на нови 20 бугарски клубови низ државава ја даде бугарскиот бизнисмен Врабевски во гостувањето на Бугарската национална телевизија БНТ.

– За бугарските клубови во С Македонија ме прашувате која е опцијата за решавање на проблемот со насилството. Многу е едноставно, уште 20 клуба и постепено вистината ќе се разбере, а евроинтеграциите значат пред сè вистина. Тоа ќе ве ослободи, рече Врабевски, кој ги финансираше и првите два бугарски клуба отворени во Битола и во Охрид.

Тој истакна дека „Македонија е територија отцепена од Бугарија и украдена со многу крв“, а на луѓето им биле „испрани“ мозоците.

-Една територија украдена со многу крв и престапи, отцепена од Бугарија и асимилирана на еден многу грозен начин, југословенскиот модел, нема погаден модел на светот. Практично, тој модел сè уште е на власт и им ги пере мозоците на луѓето, додаде Врабевски во гостувањето во БНТ.

Според него „европската интеграција е единствената опција за залечување на раните од минатото“.

– Во случајот со С Македонија, имаме сличен случај. Мора да продолжиме причините за поврзување да ни бидат доминантни во секојдневниот живот, изјави Врабевски.

Но, во Бугарија сè почесто се појавуваат луѓе кои сметаат дека отворените бугарски клубови не придонесуваат за приближување на двете држави. Историчарот Иван Илчев, кој е дел од бугарскиот тим во Мешовитата комисија за историски прашања, посочи дека отворањето клубови со имиња кои во себе носат негативна конотација не се добра идеја, освен ако целта е да се предизвикаат негативни реакции. Во интервју за бугарскиот портал „24 часа“, историчарот како негативен пример го наведе токму Ванчо Михајлов.

-Ванчо Михајлов не е пример за демократ. Убиствата што се случија во македонската организација во 20-тите и 30-тите години на минатиот век се срам за секоја цивилизирана држава, изјави Илчев за „24 часа“.

Поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер, Никола Димитров, ги осуди изјавите на финансиерот на бугарските клубови, бугарскиот бизнисмен Врабевски.

-Ваков говор на омраза во туѓа држава, вакви отворени најави за бугаризација, не само што оневозможуваат нормални односи, не само што се против европските вредности и јасно ја откриваат целта во што сакаат да го претворат преговарачкиот процес, туку се и израз на една анахрона, империјалистичка и ревизионистичка политика на грд национализам, објави Димитров, додавајќи дека очекува реакција од државниот врв за заштита на достоинството на граѓаните.

Од Власта, пак, реагираат дека со измените на Законот за здруженија е направен обид за да спречиме понатамошно ширење на ова тензично отворање на клубовите. Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во принцип никој нема против отворање на бугарски културни центри.

-Проблемот е во имињата и во називите на клубовите. Ние испитуваме и во обвинителството имаше постапка, она што е многу важно, формата да се запази, за да не бидеме утре тужени и да изгубиме во Стразбур и да испадне дека уште навистина сме вршеле некаква репресија, а знаеме дека не сме вршеле. Знаеме дека кај нас слободно може да се здружуваат луѓето, не сакаме да даваме аргументи на Бугарија дека овде има некаква репресија. Но, ве уверувам дека овој процес ќе биде ставен во законски рамки, ќе биде ставен под контрола и нема да се дозволи ниту еден клуб кој што ги крева тензиите, рече Маричиќ.

(И.С.)