Бреговиќ и бендот добија забрана за влез во Молдавија: Концертот откажан, пејачот со реакција

137
EPA/VALDA KALNINA

Босанскиот пејач Горан Бреговиќ денеска, 20 август, требаше да настапи на Гитарскиот музички фестивал што се одржува во молдавскиот историски и археолошки комплекс Орхејул Вечи, пишува Diez.md.

Организаторите на фестивалот најавија дека бендот на Бреговиќ нема да може да присуствува на фестивалот бидејќи не смеат да влезат во Република Молдавија, иако тој веќе слета на Меѓународниот аеродром во Кишињев.

– Со жалење ве известуваме дека бендот Горан Бреговиќ нема да може да присуствува на планираниот концерт вечерва, од причини кои се надвор од контрола на организаторите на фестивалот или на уметниците. За жал, не им беше дозволен влез во Република Молдавија, иако веќе слетаа на меѓународниот аеродром во Кишињев. Се извинуваме за настанатата ситуација и непријатностите, но ве очекуваме и денес на фестивалот, каде што ќе се погрижиме добро да се забавувате со останатите артисти кои ги чекавте. Потсетуваме дека на сцената нè чекаат бендот Миша Гросу, Месечевиот појадок, Вали Богеан бенд и победниците на Евровизија 2022 – оркестарот Калуш – соопштија организаторите.

Реакцијата на Бреговиќ

Покрај официјалното соопштение на организаторите на фестивалот, порталот ја пренесе и реакцијата на Бреговиќ. Музичарот им се извини на своите „Молдавски пријатели“ и рече дека нема официјално објаснување зошто не може да влезе во нивната земја.

– Драги мои молдавски пријатели! Се извинувам што денес не можам да настапам на Гитарскиот музички фестивал. Бевме многу разочарани кога не ни дозволија да влеземе во Република Молдавија на аеродромот во Кишињев, без никакво официјално објаснување. Сум патувал многу пати со моите музичари низ Европа и никогаш никаде не сум наидувал на никакви тешкотии. Навистина ми се допаѓа вашата земја и ми е задоволство да одговорам на можноста да настапам во Молдавија, особено на ваков колоритен и уникатен фестивал како овој. Многу ми е жал што ми беше ускратена радоста и задоволството да се појавам пред вас овој пат. Но, можам да ве уверам дека заедно со мојот тим ќе се обидеме да се погрижиме мојот настап во Молдавија следниот пат да не наиде на пречки – изјави Бреговиќ, а пренесува Diez.md.