Бојан Јовановски денеска беше спроведен од истражниот затвор „Скопје“ до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде што треба да даде исказ за случајот „Рекет“.

Ова е прво соочување на Јовановски со обвинителката Вилма Русковска, за детали од истрагата, бидејќи тој дента кога беше уапсен, на 15 јули,  се произнесе само кај судијата на претходна постапка, по што на барање на Јавното обвинителство  му беше одреден притвор.

Јовановски е првоосомничен во случајот „Рекет“, а третоосомничената Катица Јанева е предвидено утре  да даде исказ пред обвинителката Русковска.

Второосомничениот Зоран Милевски- Кичеец даваше исказ, и наводно  се бранел со молчење.

Јовановски и Милевски се осомничени дека од бизнисменот Орце Камчев зеле 1,5 милиони евра, за да го спасат од кривичен прогон за истрагата „Империја“, а наводно свое учество во нелегалните активности имала и тогашната специјална обвинителка Јанева.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

фото: П. Стојановски