„Боров Дол“ казнет со 18 илјади евра за еколошки инцидент

49

Основниот суд во Радовиш пресуди дека рудникот за бакар „Боров Дол“ ќе се казни со 18.000 евра затоа што лани во октомври имало истекување на каллива смеса од новиот коп на рудникот „Бучим“, при што се загадени земјиштето и површинските води во Пенлив Дол, но, за среќа, не била загадена водата во реката Крива Лакавица.

На правниот субјект „Боров Дол“ од Радовиш, поради утврдени неправилности согласно со Законот за води, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) му изрече прекршочна санкција од 18.000 до 20.000 евра, која треба веднаш да ја плати, како и да го отстрани загадувањето и да ја врати животната средина во задоволителна состојба.

Еколошкиот инцидент кој се случи лани на 15 октомври, беше пријавен до Инспекторатот од страна на еколошкото друштво „Кленика“. Поради утврдени неправилности, Инспекторатот ја издал прекршочната санкција и издал записник за порамнување и платен налог од 21 октомври 2021 година.

– Бидејќи „Боров Дол“ не може да си ја плати глобата, инспекторот бил принуден да поднесе прекршочна пријава до надлежниот суд. Основниот суд во Радовиш си ја завршил чесно својата работа. Како што тргнало, „Боров Дол“ ќе оди и на Апелација. Иронијата да е уште поголема, „Боров Дол“ се јавува како основач на еколошки здруженија и еколошки движења, а, од друга страна, не ги плаќа глобите за сторените прекршоци во врска со нивното загадување и уништување на животната средина  – велат од ЕД „Кленика“.

„Боров Дол“ е еден од двата рудника, заедно со „Бучим“, и е една од најголемите компании во Македонија.

Пресудата за „Боров Дол“ е за сторен прекршок од Законот за водите по барање на ДИЖС. Вината е кај правното лице одговорно за работењето на постројката, затоа што веднаш не го информирало органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, за да ги преземе сите пропишани мерки за спречување и намалување на негативните последици за животната средина.

(С.Бл.)