Можностите за проширување и зајакнување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција ќе бидат разгледани од бизнис-делегациите на двете земји, кои ќе одржат средба на 13 јуни, во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Стопанската комора од Солун соопштија дека ќе бидат домаќини на бизнис- делегација од 18 бизниси, предводена од претседателот на Стопанската комора на Македонија, која ќе одржи (B2B) средби со претставници на грчки бизниси, со цел разгледување на можностите за нови соработки.

Компаниите од земјава што ќе учествуваат на бизнис-состанокот, се од различни области во трговскиот, индустрискиот и во услужниот сектор како што се енергетиката, градежништвото и ИТ-технологиите.

На почетокот од состанокот, планиран е отворен настан за перспективите за зајакнување на економска соработка меѓу Грција и Македонија.

Од Стопанската комора на Солун упатија повик до грчките бизниси што се заинтересирани да одржат средба со своите македонски колеги, до средината на мај да достават пријави за учество.