Бесплатен роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ – КОГА? Преговорите се почнати

231

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, во Брисел изјави дека се надева дека до 2023 година ќе започне намалувањето на трошоците за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ.

„Се надевам дека до 2023 година ќе почне намалувањето на трошоците за роаминг и дека за неколку години, не можам да кажам кога, но нема да биде предолго, ќе имаме бесплатен роаминг меѓу Западен Балкан и Европската Унија“, рече Брегу во Брисел по презентирањето на резултатите од истражувањето Балкански барометар и SecuriMeter.
Таа додаде дека преговорите на таа тема се започнати, но дека постигнувањето договор нема да биде лесно.

Според резултатите од истражувањето, по укинувањето на роамингот меѓу земјите од регионот во јули минатата година, употребата на роамингот се зголемила за 500 отсто. Дури 43 отсто од претприемачите сметаат дека укинувањето на роамингот позитивно се одразило на бизнисот.

Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу по учеството на состаноците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Солун пред неколку недели објави дека започнал дијалогот со ЕУ за намалување на цените на роамингот со земјите од Западен Балкан, со цел цените на роамингот до 2027 година да се приближат на домашните цени.

„Оваа недела започнавме дијалог со ЕУ за намалување на цените за роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан. Тие треба да се приближат до домашните цени во 2027 година. Тоа практично значи дека ќе ги намалиме цените на роаминг за повеќе од 90 проценти во моментално најскапите мобилни мрежи во регионот“, рече тогаш Брегу.