Ракометарите на Бенфика, која ланската сезона ја освои титулата во Лига на Европа, а оваа веќе беше елиминирана во четвртфиналето во второто по квалитет европско натпреварување, за следната сезона ќе прави неколку промени во играчкиот ростер.

Според информациите на „RTH Handball“, раководството на португалскиот клуб има голема желба во своите редови да го донесе репрезентативецот на Израел, Јоав Лумбросо.

Станува збор за ракометар кој има 22 години и ѐ висок 172 сантиметри. Лумбросо моментално настапува во францускиот суперлигаш Лимож. Летово стапува на сила неговиот договор со Киелце. Актуелниот шампион на Полска и израелскиот репрезентативец се договорија на соработка, со важност од четири сезони.

Но, Бенфика е подготвена да му плати оштета на Киелце во висина од 70.000 евра за „израелскиот Скубе“ да настапува во некогашниот шампион на Португалија. Средниот бек веќе три сезони е дел од најквалитетното натпреварување во Франција, а претходно играше во Германија, поточно во второлигашот, Ајзенах.

Пред трансфер во Бенфика се наоѓа и репрезентативецот на Македонија, левиот бек Филип Талески, кој сѐ уште ги нема потврдено информациите од португалските медиуми.