Клучниот фактор за секој успех е семејството

Човек со мелодичен глас и секогаш со насмевка и позитивна енергија е нашиот фолк пејач Спасен Сиљаноски. Но, секако, за тоа голем удел имаа неговата сопруга и децата кои се горди на него и секогаш му се поддршка. Спасен не само што е познат во нашата држава често настапува во странство, па не може да се изостави дека и таму за многумина претставува познато музичко лице. Тој, освен што пее, се јавува како композитор на многубројни музички дела. Но, за читателите на ВЕЧЕР откри и дел од  неговиот приватен живот.

Освен музиката, и спортот е дел од неговиот живот, а топло ни препорачува и ние да спортуваме не само за физичкиот туку и за психичкиот бенефит.

– Откако знам за себе, освен музиката, и спортот е дел од мојот живот. Поради тоа не знам дали спортот би го нарекол хоби бидејќи еден период во мојата младост спортот навистина беше неизоставен дел од моето секојдневие. Напоредно со музицирање, учев боречките вештини и тоа со огромна желба и страст. Неслучајно еден период работев и како професионален војник. Морам да се пофалам дека подоцна освоив и второ место на ниво на Македонија во фитнес средна категорија. Бидејќи музиката сега го одзема речиси целото мое слободно време не можам целосно да се фокусирам на спортот, но за да се одржам физички и кондициски секој ден возам велосипед по педесетина километри. На тој начин, покрај физички бенефит, имам и психички бенефит, бегам од урбаната џунгла и имам време за размислување. Дури доаѓам до идеи за нови песни и други предизвици, замислете сето тоа е возможно на велосипед. Затоа им препорачувам на сите да спортуваат, а најмногу им препорачувам да возат велосипед, раскажува Спасен.

Тој е татко на две прекрасни деца кои знаат да ги искоментираат неговите настапи, но и да се пофалат со познатиот татко.

–  Кога моите деца беа помали секогаш кога ќе ме видеа на телевизија се чудеа и не можеа да сфатат како во ист миг можам да се најдам на две различни места, и покрај нив и на телевизија. Сега веќе имаат 5 и 7 години и веќе им станува јасно со што се занимава нивниот татко. Верувале или не, кога ќе ме видат на ТВ дури ги коментираат мојот стајлинг, пеење и сценскиот настап. Можам да кажам дека нивните мали главчиња се како компјутери и сè знаат и сè разбираат. Често умеат да се пофалат на нивните другарчињата од училиште и градинка дека нивниот татко е познат пејач и го има на малите екрани. Тие дури се и љубоморни кога има некоја музичка емисија во која јас не сум гостин и веднаш го менуваат програмот. Единствено нешто што не им се допаѓа во мојата професија е моето отсуство, особено кога сум надвор од нашата држава и ме нема по неколку месеци. Сето тоа го доживуваат тешко. Знаете, секој родител е херој за своето дете и треба да биде покрај него, но во секоја работа, за жал, има и позитивни и негативни страни, вели музичарот.

Спасен со сопругата и децата

Спасен освен што има извонредна и убава сопруга таа е неговата музичка водилка која секогаш му дава поддршка. Но, од друга страна и неговата мајка е неизоставен дел од оваа сторија.

– Иако талентот се добива од бога и го имам од рана возраст, покрај мојата мајка која има голема заслуга за мојата музичка кариера, бидејќи таа ги пишува текстовите на моите песни, тука неизоставен дел за мојот успех е и мојата сопруга. Почнувајќи од грижата за семејството, за нашите деца, па сè до критиките кои ги добивам од неа во врска со менаџирање на мојата кариера слободно можам да речам дека без мојата сопруга не би бил ова што сум денес. Клучниот фактор за секој успех во секоја област е семејството. Под тоа се подразбира разбирање, позитивна енергија и флексибилност помеѓу брачниот пар. Јас сум многу среќен што сето ова го имам од мојата сопруга иако понекогаш знае да биде љубоморна, открива пејачот.

Фото: Приватна архива

И во лошото време зададено од коронавирусот тој наоѓа позитивна страна, па создаде и две нови песни кои наскоро ќе имаме можност да ги слушнеме.

– За жал, поради состојбата во државата поради коронавирусот сите наши музички активности се во застој. Нашата апстиненција од музицирање навистина тешко ја поднесувам бидејќи музиката, настапите и дружењето се дел од мојот живот. Сепак, овој вакуум-простор го користам за создавање и компонирање на нешто ново. Веќе имам две готови песни кои чекаат само да влезат во студио и да ги испеам. Верувам дека овој мој нов проект е нешто посебно бидејќи имав најдолго карантинско време на светот за да размислувам и да компонирам. Така што и овој пат, како и секогаш, им ветувам на моите обожаватели дека ќе добијат две песни за кои сум сигурен дека ќе станат дел од нивниот живот, дел од нивните прослави и свадби како и претходните мои песни. Можеби звучам нескромно, но секогаш сум сигурен во она што го работам и интуицијата никогаш не ме лаже да го погодам вкусот на моите обожаватели, вели Спасен. (Маја Анчевска)