Ајде на јадење, пиење вино/ракија и музика до бесвест во Неготино на Свети Трифун 

86

Општина Неготино наголемо се подготвува за прославата на Свети Трифун и Свети Валентин која ќе трае од 12 до 14 февруари во овој град во највинскиот регион во земјава – Тиквешкиот. Оттаму најавуваат јадење, дегустација на вино и ракија, музика до бесвест и бесплатен превоз за сите оние кои ќе сакаат да бидат дел од централната манифестација која ќе се случува на 14 февруари (петок).

Трите дена присутните ќе ги забавуваат Миле Кузмановски, Елена Велевска, КУД „Јане Сандански“ од Неготино, КУД „Илинден“ од Битола, Ансанбл „Ацо Ѓорчев“ од Неготино и Ансанбл Студио „Фолклор“ од Скопје. 

– Сите граѓани кои сакаат да присуствуваат на централната манифестација и да уживаат со добро вино, храна и музика испеана од македонските естрадни уметници се добредојдени, а тргнувањето ќе биде во 10:30 и 11:00 часот од автобуските постојки во Пепелиште, Криволак, Тимјаник, Долни Дисан, Војшанци – информираат од општината.

И оваа година во рамките на одбележувањето на празникот на лозарите и винарите „Св.Трифун“ ќе се одржи натпревар во дегустација на вина и ракии произведени од индивидуални производители. За таа цел, денеска е крајниот рок сите заинтересирани за учество на натпреварот да ги поднесат мострите од бели и црвени вина и ракии во просториите на локалната самоуправа.

Традиционално, и оваа година поднесените мостри ќе бидат дегустирани и оценувани од страна на стручни лица-енолози кои ќе одлучат кои вина и ракии ќе добијат признинија и награди за квалитет. Наградите и признанијата на најдобрите индивидуални производите на домашни вина и ракии градоначалникот на општина Неготино, Тони Делков ќе им ги врачи на денот на одржувањето на централниот настан по повод „Св.Трифун“ на 14 февруари кој ќе се одржи на градскиот плоштад во Неготино.