Согласно Извештајот на Европската комисија за 2015 и 2016 за Поглавјето 12, дадена е генерална оцена дека, земјата има одредено ниво на подготвеност во областа на безбедност на храна, ветеринарство и фитосанитарна политика, постигнат е одреден напредок во оваа област, нагласија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство, демантирајќи ја изјавата на Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, Трипуновски денеска претходно наведе дека во однос на оценувањето од страна на Европската комисија за поглавјето 12 – Безбедност на храна, ветеринарна и фито-санитарна политика, е задржана истата оценка која, како што рече, ја влечеме со години наназад, односно е остварена уште пред неколку години.

Од АХВ потенцираа дека Трипуновски свесно ја манипулира јавноста, обидувајќи се да ја маргинализира оценката додадена од страна на ЕК за нивното работење.

– Уште во февруари годинава, на состаноците на експленаторниот скрининг одржан со претставници на Европската комисија, Агенцијата за храна и ветеринарство доби јавно признание за постигнатиот напредок во последните две години, посебно во проблематичните области, како што се функционален систем за идентификација и регистрација и спроведување на мерки за здравствена заштита на животните, потенцираа од Агенцијата.

Наведоа дека во однос на фитосанитарната политика, каде оценките на ЕК беа критично ниски во изминатите неколку години, на последниот состанок на Поткомитетот за земјоделство и рибарство, Европската комисија истакнала дека е постигнато значително подобрување на состојбата и во оваа област.