Асанж нема да биде екстрадиран во земја каде што му се заканува смртна казна

72

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, нема да биде екстрадиран во земја во која би му се заканувала смртна казна, рече британскиот министер за Европа, Алан Данкан.

„Ова е основниот услов што го договоривме, дека нема да дозволиме да биде екстрадиран во место каде што би можел да добие смртна казна. Оваа гаранција е цврста“, им рече Данкан на новинарите во Еквадор, каде што е во посета.

Асанж е обвинет за шпионажа во САД и Вашингтон бара негова екстрадиција. Расправата по ова барање е закажана кон крајот на февруари следната година во Велика Британија.

САД го обвинуваат Асанж дека ја загрозил безбедноста на американските дипломати и војници кога Викиликс во 2010 година објави 250.000 дипломатски депеши и околу половина милион документи за американските воени активности во Ирак и во Авганистан. Исто така, Асанж е обвинет и за „заговор“ со поранешниот воен аналитичар Челзи Менинг, кој му ги дал документите.

Асанж веднаш беше ставен во притвор, а потоа беше осуден на 50 недели затвор за прекршување на условите за условна слобода. Еквадорската влада потврди дека пред повлекувањето на одлуката за азил за Асанж добила писмени гаранции од британската влада дека тој нема да биде екстрадиран во земја каде што може да биде измачуван или осуден на смрт.

САД го обвинуваат Асанж по 18 точки, а збирната казна за сите нив е околу 175 години затвор. Шпионажата во САД е злочин подложен на смртна казна.