Арт-акција во Штип: „Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!”

57

Штипските арт активисти на повеќе локации во Штип поставија херои со транспаренти. Во соопштението кое го доставија до медиумите велат дека како и во претходните акции, ги искористиле хероите на Марвел, познатите Халк, Тор и Капетан Америка.

-Сакавме пред сè на недвосмислен и јасен визуелен начин да ги споредиме нашите сограѓани со холивудските супер-херои, и на тој начин да ги охрабриме да ги почитуваат мерките. Со оваа споредба сакавме да ги потсетиме штипјани дека единствено со почитување на мерките сите ние можеме да сме супер-херои, да дадеме свој придонес, и на тој начин да искажеме благодарност до нашите здравствени работници, полицајците, пожарникарите, војниците, вработените во маркетите и текстилните работници/чки за нивната пожртвувана работа, се вели во соопштението.

Забележуваат дека во време на активна и секојдневна борба со Ковид-19, вистинските супер-херои и супер-хероини се всушност околу нас – здравствените работници, вработените во маркети, текстилните работници, полицијата, војската, пожарникарите. Сите оние кои се на своето работно место секојдневно, за ние да можеме да останеме дома и на тој начин да се заштитиме и себеси и нашите семејства.

-Нивната макотрпна работа во ова време – невреме, заслужува максимална поддршка од сите граѓани, на секој можен начин кој ќе им помогне и ќе им ја олесни работата. Затоа, ние како локални активисти ја направивме оваа акција со која укажуваме да се почитуваат препораките и мерките кои се донесени од страна на Министерството за здравство. Акцијата се однесува на мерките како што е растојанието кое треба да го одржуваме, правото на користење на годишен одмор и мерките кои треба да ги преземат работодавачите и превозниците за спречување на ширење на Ковид-19, велат во соопштението штипските арт активисти.

Тие изразуваат благодарност и до здружението „Гласен текстилец” кое работи на унапредување на правата на текстилните работници/чки, што им овозможи да ја вклучат и хероината Супер текстилка во акцијата и да укажат на правата на вработените во големите хали. Посочуваат дека текстилните работнички од Штип се оние кои во моментов ги изработуваат маските кои служат за превентива на сите граѓани, а со нивната акција потсетуваат дека во овој период, тие се оние на кои им е најпотребна дополнителна заштита и превентивни мерки.

-Се надеваме дека нашата основна порака „Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!” ќе стигне до нашите сограѓани и ќе успееме што поскоро, со заеднички сили, да излеземе од оваа здравствена криза во која се наоѓаме во моментот, потенцираат арт активистите.