Осудувајќи ја „де факто анексијата“ на Западниот брег од страна Израел, повеќе од 400 европски парламентарци ги повикаа нивните земји да го искористат пристигнувањето на Џо Бајден во Вашингтон за да се мобилизираат против „колонизацијата на окупираните палестински територии“, јави дописникот на МИА.

На иницијатива на неколку поранешни израелски официјални лица, 442 пратеници и сенатори од дваесет европски земји го потпишаа ова писмо испратено минатата ноќ до министерствата за надворешни работи на разни европски земји.

-Случувањата на терен очигледно се стремат кон брзо напредувачка реалност на де факто анексија, особено со проширување на населбите и уривање на палестинските структури, пишуваат парламентарците, меѓу кои и британскиот пратеник Џереми Корбин, поранешен лидер на Лабуристичката партија, и Французинот Жан-Лук Меланшон (радикална левица).

-И покрај пандемијата на коронавирусот, минатата година беше забележан најголем број уривања на палестински домови и структури во последните четири години, продолжуваат тие.

Во четвртокот, неколку европски канцеларии побараа од Израел да ја врати опремата донирана од нивните земји и одземена од бедуините од Хамса ал-Бака, селце на северот од долината Јордан, што еврејската држава го смета за „нелегално“. Израелската армија го окупира Западниот брег и источен Ерусалим од 1967 година, каде што денес живеат околу 3,1 милиони Палестинци и над 675 000 Израелци во населби кои според меѓународните закони se сметаат дека се нелегални.

Израелската колонизација се забрза во последните неколку години под раководство на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со помош на неговиот сојузник во Вашингтон, Доналд Трамп. Новиот американски претседател Џо Бајден беше критички настроен кон населбите и вети дека ќе ги засили напорите за создавање палестинска држава. „Почетокот на претседателството на Бајден дава суштинска можност за дејствување“, велат европските парламентарци.