Антикорупциска: Сè уште чекаме реакција за трите најважни случаи

98

Државната комисија за спречување на корупција на денешната прес-конференција по повод извештајот на Европската комисија рече дека се уште чека реакција од Обвинителството за, како што велат од таму, клучните предмети кои ги има отворено за тендерот на Државната изборна комисија од 2019, Случајот со купувањето на земјиштето кај „Холидеј Ин“ и договорот со „Бехтел и Енка“.

– Само 30 отсто од нашите препораки беа претходно прифатени, а сега правиме повторно оценка на прифатеноста, и до крајот на годината ќе известиме. Но, клучни препораки и мислења не беа прифатени, а некои состојби од нив беа одлучувачки, изјави првата антикорупционерка Билјана Ивановска.

Сомнежите на антикорупционерите од 2019 се дека намерно не се организирале отворени повици за набавка на избирачки материјал, туку постојано, од неоправдани причини, се одело на непосредно договарање со печатниците при што членови на Државната изборна комисија се стекнале со стотици илјади евра

Обвинителството досега отвори само предистражна постапка за предметот на Антикорупциска за случајот „Холидеј Ин“ каде се опфатени поранешни градоначалници, вработени во општината и Министерството за транспорт и врски, планери. Постои сомнеж дека ја злоупотребиле службената положба и овозможиле носење на детален план кој не е усогласен со генералниот.

ДКСК ја повика Владата да се откаже од ангажирање на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од Коридорот 8 и Прилеп – Битола преку „специјален закон“. Преку директна спогодба овој конзорциум би се прогласил за стратешки инвеститор, а изградбата на автопатите за национален интерес. Тоа ја отвора вратата за евентуално коруптивен договор, а ДКСК ваквиот закон го оспори пред Уставен суд.