EPA-EFE/Friedemann Vogel

Откако ја заврши групната фаза од натпреварувањето и обезбеди осминафинале, „Гордиот албион“ остана без дефанзивецот Бен Вајт, кој реши да ги спакува куферите и да се врати во Лондон. Стоперот на Арсенал го напушти тимот од лични причини и, како што се наведува во официјалното соопштение, нема да се врати во Доха.

Вајт има 25 години и досега има само четири настапи за националниот тим, а иако природна позиција му е да биде централен дефанзивец, оваа сезона играше на позицијата десен бек во Арсенал. На Светското првенство не одигра ниту една минута, а ги шокираше сите со предвременото заминување дома.

  • Бен Вајт го напушти тренинг-кампот на Англија во Ал Вакрах и се врати дома од лични причини. Се очекува дефанзивецот на Арсенал да се врати во тимот до крајот на турнирот. Бараме да се почитува неговата приватност во овој момент – изјави Фудбалската федерација на Англија.

Селекторот Герет Саутгејт сега како стопери на располагање ги има Џон Стоунс, Хари Мегваер, Конор Коуди и Ерик Даер, а следниот меч Англичаните го играат в недела, од 20 часот, кога во осминафиналето ќе се сретнат со Сенегал.

Досега забележаа две убедливи победи над Иран (6:2) и над Велс (3:0), а во второто коло од групната фаза го одиграа, веројатно, најлошиот натпревар на турнирот бидејќи ремизираа (0:0) со САД.