На неколку дена пред преземањето на кормилото на ЕУ од страна на Словенија, амбасадор Милан Предан во ексклузивно интервју за весникот ВЕЧЕР вели дека секое одложување на почетокот на преговорите во некоја нејасна иднина би била катастрофална грешка со непредвидливи последици за целиот регион.

-Треба да му се даде признание на актуелното португалско претседателство за неговиот многу добар и рационален предлог на решение што го зема предвид интересот на обете страни кои ќе можат да го заговараат пред својот народ. Сега станува сè помалку важно кој е во право во тој спор, важно е да се најде начин за излез со кој обете страни ќе го спасат образот, а ЕУ својот кредибилитет. Тој ќе биде сериозно поткопан доколку ЕУ дозволи билатералните прашања да запрат  толку важна стратешка цел како што е проширувањето кон Западен Балкан. Затоа, ако ЕУ не се прошири во регионот, некој друг ќе се прошири, вели амбасадорот Предан. 

Мери МИНОВСКА

ФОТО: Звонко Плавевски

Словенија на 1 јули го презема претседавањето со Европската Унија и најави дека сака поголемо внимание да посвети на приближувањето на Западен Балкан кон Унијата. Министрите на ЕУ одлучија дека Словенија, словенечкото претседателство, го презема португалскиот предлог и продолжува да работи на него. За нашата земја ова е мошне важен импулс, но, сепак, можеме ли да очекуваме поддршка од Словенија во преговорите за членство во ЕУ? 

Ние сме свесни дека за вашите политичари и пошироката јавност, главното мерило за успех на нашето претседателство со Советот на ЕУ ќе биде отворање на вратата за официјален почеток на вашите преговори за пристап со ЕУ оваа година. Нашиот став е јасен: Северна Македонија го заслужи тоа и секое одложување на почетокот на преговорите во некоја нејасна иднина би била катастрофална грешка со непредвидливи последици за целиот регион. Но, претпоставувам дека вашата јавност е веќе изморена од ваквите изјави, па за мене лично, стана малку фрустрирачки да ги повторувам тие проценки во секој разговор тука. Иако пред една година внатре во ЕУ преовладуваше верувањето  дека сегашниот спор меѓу Скопје и Софија ќе се реши најдоцна за време на германското претседателство, и покрај нивните напори, тоа за жал не се случи.Треба да му се даде признание на актуелното португалско претседателство за неговиот многу добар и рационален предлог на решение што го зема предвид интересот на обете страни кои ќе можат да го заговараат пред својот народ. Сега станува сè помалку важно кој е во право во тој спор, важно е да се најде начин за излез со кој обете страни ќе го спасат образот, а ЕУ својот кредибилитет. Тој ќе биде сериозно поткопан доколку ЕУ дозволи билатералните прашања да запрат  толку важна стратешка цел како што е проширувањето кон Западен Балкан. Затоа, ако ЕУ не се прошири во регионот, некој друг ќе се прошири.

И овој пат, како за време на нашето прво претседателство во 2008 година, Словенија го стави Западен Балкан високо на својата агенда. Не е тајна дека финансиската, миграциската и епидемиолошката криза значително влијаеја на ентузијазмот во ЕУ за прифаќање нови членки и дека околностите се значително различни од времето пред 13 години, а да не го спомнувам времето кога Словенија се приклучи на ЕУ. Тогаш Западна Европа гледаше на проширувањето како корекција на историската неправда кон земјите зад „железната завеса“ и можност за освојување нови пазари, денес нема таква или слична мотивација.

Нашата амбиција е во следните шест месеци повторно да ја зајакнеме посветеноста на членките на ЕУ за проширување, меѓу другото, со организацијата на самитот ЕУ-Западен Балкан на почетокот на октомври во Словенија. Со надеж дека дотогаш, почетокот на првата меѓувладина конференција со вашата земја ќе биде деблокиран. Словенија секако ќе работи на тоа, сметајќи на формирање на нова бугарска влада до почетокот на септември и ќе бара решение во правец што е зацртан во португалскиот предлог, иако би било несериозно да се ветат некои брзи решенија, доколку не биде создадена и соодветна клима меѓу двете земји.

Исто така, постои симболична разлика помеѓу нашето прво и второ претседателство: тогаш го завршивме токму на почетокот на финансиската криза и по долг период на економска конјуктура, за неколку дена го започнуваме претседателството по година и пол криза каква што светот не доживеал по Втората светска војна, но во атмосфера на умерен оптимизам дека кризата е при крај.

 Како ги оценувате билатералните односи меѓу Словенија и  Македонија?

Доволно е да се каже дека нема отворени прашања меѓу нас, што е всушност реткост во билатералните односи меѓу две држави, кои сепак ја делеа судбината на распадот на заедничката држава. Мојата генерација сè уште добро се сеќава на времето кога вашата тогашна политичка гарнитура, предводена од Киро Глигоров, се покажа како мудра и како таква беше важна поддршка на предлозите на Словенија за мирна и контролирана разделба. За жал, тоа не се случи, но веќе во тој период беше создадена нашата заемна доверба, која обете земји ја пренесоа во следните три децении по воспоставувањето на дипломатските односи во 1992 година, и кои ги градат и ден-денес.

Словенија беше првата земја што отвори амбасада во Скопје, а првата македонска амбасада беше отворена во Љубљана. Дури и пандемијата не ја запре нашата интензивна политичка соработка, бидејќи минатиот септември имаше неколку меѓусебни посети на највисоко ниво, во 2019 година дури 15, во таа година Словенија немаше толку многу со која било друга земја.

Одлична илустрација за нашето партнерство и соработка се вашите студенти кои го искористија нашиот билатерален договор и можноста да студираат во Словенија без да плаќаат школарина. Во завршувањето на академската година, имаше дури 1.335 од нив, најмногу од сите странски студенти. Нашите факултети ги ценат затоа што се вредни, мотивирани, амбициозни и брзо го учат јазикот, со што се создава добра слика за нивната земја. Точно е дека многумина по дипломирањето престојуваат во Словенија или одат во некои други земји на ЕУ, но има и такви кои се враќаат и од тука работат за словенечки фирми што е придобивка за двете држави. Патем, бесплатното образование е само дел од развојната помош што Северна Македонија ја доби од Словенија во последните десет години, во вкупен износ од 26 милиони евра.

Економската соработка е најконкретна форма на наша поддршка за развој на вашата земја. Иако не е членка на ЕУ, Северна Македонија е интересна за словенечките инвеститори заради старите деловни врски од времето на Југославија, добрата слика за словенечките брендови на локалниот пазар, географската и јазичната близина, доброто чувство дека Словенците се ценети и добредојдени овде.

Дали ги остваривте приоритетите при стапнување на оваа функција?

Се разбира, за секој амбасадор прв приоритет е да работи на продлабочување на билатералните односи во сите области, но пандемијата одложи многу планови сè додека не се нормализира состојбата. Како прво, културната соработка, која беше многу богата во последните години запре, а тивката цел да се зголеми нашата трговска размена на половина милијарда евра годишно, секако се помести за малку подалечна. Пред кризата поради ковид, размената веќе надмина 320 милиони евра и бележеше постојан пораст, и се надевам дека до крајот на годината барем ќе се врати на тогашното ниво. За среќа, кризата е при крај, што се чувствува не само во интензитетот на политичките односи, туку и во сите други области, вклучително и културната размена. Драго ми е што словенечките уметници, меѓу другото, повторно ќе дадат свој печат на годинашното Охридско лето.

Заради епидемиолошките ограничувања, требаше малку повеќе време да се создаде мрежа на контакти што е барем исто толку важна во дипломатијата, колку што е и во новинарството. За словенечки дипломат, сепак, предноста е во тоа што вашите институции се многу отворени за нас, подготвени за комуникација и соработка и дека познавањето на јазикот ни овозможува побрзо да се интегрираме во локалното опкружување и да создадеме нови познаници и пријатели.

Во последно време во јавноста се појавија неколку нон-пејпери. Словенечкиот нон-пејпер крена голема прашина кон средината на април како на Балканот така и во Словенија. Документот, без заглавие и потпис, медиумите му го припишаа на словенечкиот премиер Јанез Јанша иако тој го негираше. Со текстот се предлага решавање на споровите на Балканот со промена на границите и се наведува стратегија за “финализирање на распадот на поранешна Југославија“, меѓу другото преку поделба на Босна и Херцеговина, но и на Северна Македонија, Косово и Црна Гора. Дали Балканот треба да стравува од овој и слични нон-пејпери?

Регионот секако не треба да се плаши од некои фамозни нон-пејпери кои наводно постојат и кружат во разни варијанти по медиумите, а никој не знае кој ги продуцирал и со каква намера, а камоли да се плаши од некој „словенечки нон-пејпер“ кој нема врска со нашата политика кон Западен Балкан. Нашата поддршка за мирен развој на регионот ја докажавме повеќе пати и на многу начини, и ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина, и за време на претстојното претседателство со ЕУ.

Зарем не е интересно што нон-пејперот за кој зборувате најпрво се појави на словенечки сајт со мапа на која беше поделена Северна Македонија, а за неколку дена се појави нова мапа на која не беше поделена и сите ние сѐ уште дискутираме за тоа како за некој сериозен документ. Се разбира, идеите во него се опасни, но нема никој во Европа или во светот што би можел да преживее политички доколку се залага за такво нешто.

За тоа како некои се обидоа да ја вовлечат Словенија во приказната зборува и манипулацијата со говорот на претседателот Пахор во парламентот за време на неговата официјална посета на Скопје минатиот септември. Тој тогаш јавно предупреди дека во регионот, ако запре проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, можат постепено да се зајакнат тезите, дека распадот на Југославија не е завршен и дека треба наместо сегашните, да се воспостават етнички граници. Во тоа време, никој не реагираше негативно на оваа целосно точна проценка, а сега некои му ја припишуваат изјавата за „нецелосното распаѓање на Југославија“ како тврдење. Како новинар, многу добро знаете дека луѓето полесно веруваат во лоши вести отколку во добра вест и дека една лажна информација може да има поголема реакција во јавноста од десетте деманти што следуваат.

Премиерот Јанез Јанша во обраќањето по повод претстојното преземање на кормилото на ЕУ изјави „Бидејќи сме Словенци, ние сме и Европејци“. Од друга страна, статистиката покажува дека Словенците се најголемите југоносталгичари. Значи ли тоа дека останале тесни врски со бившите републики?

Не верувам дека Словенците во поранешна Југославија се навистина најголемите југословенски носталгичари, но мислам дека имаме многу рационален став кон поранешната заедничка држава. Ги признаваме нејзините предности, пред сѐ високото ниво на социјална сигурност што тој систем го нудеше, но не верувам дека некој навистина би сакал да се врати во тие времиња. Денес, просечната словенечка нето-плата е околу 1.300 евра, а секоја споредба со животниот стандард што ја имавме пред 30 години зборува за тоа колку сме денес подобри. Секако, благодарение на нашето членство во ЕУ од кое многу профитираше нашата економија и од парите од европските фондови од кои многу придобија локалните заедници. Ако навистина ни останува нешто од поранешниот социјалистички систем, тоа е, пред сè, тивката општествена норма, дека не е пристојно да раскажувате што имате. Според сите меѓународни истражувања, дури и по три децении пазарна економија, Словенија е една од најегалитарните земји во светот во која социјалните разлики се помали отколку во повеќето други земји. Нема ниту крајно богатство ниту крајна сиромаштија што е секако добро за социјалната хигиена.

Вие сте дипломат со долга медиумска кариера. Од вашата богата биографија може да се види дека пред дипломатијата две децении се занимававте со новинарство. Застанавте на чело во мариборски Вечер, од приправник до главен уредник и раководител на целата издавачка компанија. Како поранешен новинар, доколку би требале да направите анализа за состојбата и иднината на Македонија, какви би биле вашите поенти.

Пред сѐ би сакал да истакнам дека огромното мнозинство од населението, и покрај сите разочарувања што ги доживеа во последните 13 години, почнувајќи од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, сè уште го поддржува пристапувањето во ЕУ и дека владејачката политиката ја врзува иднината на земјата исклучиво на нејзината европска перспектива. Државата плати данок за сите минати доцнења на европскиот пат и денес сигурно ќе беше во подобра економска и социјална состојба доколку околностите не ја принудуваа да помине толку многу време во средување на односите со соседите на штета на внатрешниот развој. Ќе им треба време на луѓето да ја вратат довербата во подобра иднина и да не ја гледаат иднината за своите деца, пред сѐ надвор од земјата. Затоа се потребни реформи што ќе ја направат државата уште поатрактивна за странски инвестиции и ќе донесат нови квалитетни работни места, ќе ја уверат јавноста дека сите се еднакви пред законот, да се ограничат партиските вработувања итн. Ако ги прашате младите, ова се работите што ги иритираат најмногу.

Ако би одговарал како новинар, би ја потенцирал и политичката поделба на земјата, што е до одреден степен нормално и потребно во секоја демократија, но Северна Македонија е во таква позиција што и треба барем минимум национален консензус, не само за клучните цели, но и за тоа како да се постигнат истите. Но, бидејќи одговарам како дипломат, нека остане на тоа.

Амбасадоре Предан, речиси една година сте во Македонија. Какви се вашите впечатоци за Скопје, што ви се допаѓа и што ви пречи?

Со сопругата, која инаку е новинар, се чувствуваме одлично овде, веќе имаме многу македонски пријатели, луѓето многу убаво нè прифаќаат како Словенци, сигурно и поради тоа што Македонците се добро примени во Словенија. За нас, всушност, Северна Македонија не е некоја туѓа земја, таа ни е блиска, сепак долго време живеевме заедно во иста држава. Цениме дека има многу зеленило во градот, како граѓани на Марибор Водно многу нè потсетува на нашето Похорје,  убаво го уредивте градскиот брег крај Вардар. Токму затоа ми пречи ако среде некое прекрасно зеленило и шума видам ѓубре. На таа свест останува уште многу да се работи. Бидејќи кучето на мојата ќерка, кое сега стана наше, е со нас во Скопје, не ми е лесно да гледам кучиња скитници. Точно е дека тие се воглавно чипирани и не се агресивни, но сепак не е добра слика за грижата кон животните.