По три одиграни кола на Екипното шаховско првенство на Македонија, единствено „фармацевтите“ имаат максимален ефект од три победи и шест бода.

Откако во првото коло беше совладана екипата која лани беше третопласирана, во третото коло е извојувана победа над ланскиот вицешампион ШК Прилеп. Со исклучок на првата табла, на која беше освоена победа со контумација, другите партии беа исклучително борбени. Така, на втората табла ВМ Александар Инѓиќ ремизираше со ВМ Бобан Богосављевиќ, при што по неколку промени во распоредот на силите се влезе во завршницата, која доведе до голи кралеви и до поделба на поенот по 104 одиграни потези! Спротивно на ова, ВМ Трајко Недев на третата табла одигра коректно во отворањето против ВМ Мирослав Миљковиќ, кој играше Сицилијанска одбрана, но набргу беше констатирана еднаква позиција, па понуденото реми беше прифатено бидејќи во тој момент резултатот веќе беше во корист на актуелните шампиони.

ИМ Филип Панчевски долго се надмудруваше со ИМ Тони Кироски и по 66 потези успеа во далечна завршница, да го скрши отпорот на инспирираниот противник. На петтата табла Филип Михов против Кире Николоски неочекувано направи лоша процена во отворањето и западна во инфериорна позиција, па на крајот ја загуби партијата. Сепак, подмладувањето на тимот и давањето шанса за настап за Михаил Јорданов во сениорскиот тим донесоа добри вести: младиот шахист одигра мирно и сигурно водејќи ги црните фигури против Благоја Дамески, кој играше Англиско отворање, па во 41 потег направи материјална предност, по што неколку потега подоцна противникот му честиташе.

Во изедначените мечеви меѓу другите клубови беа постигнати следните резултати: Гостивар–Куманово 1 (3 : 3), Анпасан СЕС–Шкупи (2,5 : 3,5) и Пелагон–Гамбит (1,5 : 4,5).

Алкалоид е лидер на табелата со максимални шест бода, додека, пак, пет екипи зад него во моментов се во блиска бодовна зона: Прилеп и Гамбит имаат по 4 бода, додека, пак, Гостивар, Куманово 1 и Шкупи имаат по 3 бода. Во 4. коло „фармацевтите“ ќе играат со Анпасан СЕС, кој засега е последен на табелата и без бодови.

Во женска конкуренција ситуацијата е понеизвесна, но даминото крило на ШК Алкалоид, предводено од грузиските интернационалки, на првите две табли ја оствари и третата победа, овојпат против ШК Фишер од Куманово. ВМ Бела Котенашвили против ЖИМ Цвета Галунова, како и ИМ Лела Јавакишвили против ЖФМ Петја Караиванова наметнаа сложени позиции со многу тензија, но на крајот излегоа како победнички од комплицираните ситуации. На третата табла доминантна партија со реализација во топовската завршница имаше и ЖФМ Моника Стојковска против Ана Лазаревска, додека, пак, на четвртата плоча најмладата шахистка Леа Ефтовска, водејќи ги црните фигури, против Сања Станковиќ, во партија со обострани непрецизности, на крајот стигна до завршница со разнобојни ловци.

Во другите мечеви, ГШК Неготино продолжува пријатно да изненадува со победата над Стево Патако од Битола, додека, пак, ГШК Куманово стигна до првата победа славејќи 2,5 : 1,5 над Гостивар. По денешниот убедлив пораз (3,5 : 0,5), шахистките на Гамбит испаднаа од водечката група, па така, покрај ШК Алкалоид, на врвот со шест бода се и ГШК Неготино и МШК Центар.