Поранешниот југословенски и косовски политичар и адвокат Азем Власи, како што пренесува Вести.онлајн, вели дека според негово мислење, претседателот на Србија Александар Вучиќ би ја признал независноста на Косво ако за возврат ја добие Република Српска.

Тој вели дека Европската унија е само посредник во дијалогот меѓу Косово и Србија, додека клучната улога за успешно завршување на овој процес ќе имаат САД.

Власи смета дека евентуалната автономија за северот на Косово, што е актуелна во нон-пејпер документите, е неприфатлива и штетна за Србите јужно од Ибар.

Во последно време се појавија нон-пејпер документи во кои се наведуваат различни модели за решавање на косовскиот спор, а едно од решенијата е автономија за северот на Косово.

За овие нон-пејпери Власи коментира дека се памфлети за провокации на кои „се лепи народот“. Според него сериозната политика и политичари не земаат за сериозно нешто што нема автор и чишто потекло е непознато. Власи смета дека заговарањето автономија на северот на Косово всушност е идеја за одвојување на тој дел од целината на Косово и дека со тоа најголема штета ќе претрпат косовските Срби оти мнозинството од нив живеат во другите делови на Косово.

-Никаде нeма автономија со четири мали општини и малку над 30 илјади жители. Таквите идеи се глупост и играње со судбината и опстанокот на косовските Срби на местата каде што живеат. Косово тоа нема да го прифати, па ете ви нови проблеми и судири, вели Власи.

Во јуни продолжува дијалогот меѓу Косово и Србија кој еден ден и ќе мора да заврши со компромис прифатлив и за Белград и за Приштина. Власи вели дека епилогот од овие разговори мора да биде спогодба која за да се финализира мора да дојде до меѓусебно признавање.

-Ако Србија ги призна петте нови држави што настанаа од поранешната заедничка држава Југославија, а меѓу нив и Црна Гора, зошто не би го признала и Косово?, вели Власи.

На меѓусебно признавање инсистираат и ЕУ и САД. Власи вели дека не е јасно какви претензии има Србија кон Косово кога сите во Србија, па и Вучиќ знат дека Косово како независна држава е факт кој не може да се промени на ниеден начин. Тој потсетува дека и позицијата на Меѓународниот суд на правдата на кој му се обрати Србија за да ја разгледа независноста на Косово од аспект на меѓународното право утврди дека прогласувањето независност на Косово не е во спротивност со меѓународното право ни со Резолуцијата 1244 на СВ на ОН.

Азем Власи смета дека Александар Вучиќ намерно не се изјаснува што тој подразбира под компромис оти очекува шанса или понуда ентитетот Република Српска да се отцепи од БиХ и да се припои на Србија, па да излезе дека Србија сепак нешто добила и може да се откаже од Косово.