Ќе се проверува дали цената на маслото која се „качи„ на 95 денари е оправдано зголемена

Граѓаните реагираат на порастот на цените на храната и бараат државата да интервенира кај оние производи кај кој има позабележителен раст. Велат дека сè е поскапено - јајцата, шеќерот, млечните производи, овошјето, зеленчукот, а најмногу маслото за јадење. Од Владата велат дека веќе се прават контроли на цените на производите со кои ќе се утврдат дали има неправилности и вештачко зголемување на цените. Па, така, наскоро ќе се знае дали е оправдано зголемена цената на маслото од 95 денари

414

Цените на храната незапирливо растат. Освен маслото за јадење поскапени се и јајцата, млечните производи, шеќерот, овошјето, зеленчукот… Пандемијата на крајот удри по џебот на граѓаните кои и онака тешко врзуваа крај со крај. Велат дека и покрај тоа што е криза цените растат, па сега со намалени приходи и со зголемени трошоци за храна ќе биде уште потешко да се истурка месецот. И статистика пресмета дека во март, во споредба со истиот месец лани, цените на мало се зголемени за 2,6 отсто, а позначаен раст на трошоците за живот во март се регистрирани токму кај основните производи.
Од Владата велат дека секојдневно ја следат состојбата со цените во маркетите и оти наскоро ќе излезат со податоци од контролите и таму каде ќе бидат констатирани неправилности ќе бидат преземени мерки. Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи единствениот механизам на државата за контрола на цените на производите во моментот е пазарната инспекција која може да утврди дали има неправилности и нивно вештачко зголемување.
-Веќе има таква интервенција на неколку субјекти. Наскоро ќе излеземе со податок што точно ќе направиме и секако сите тие што се обиделе да профитираат во овој момент кога на сите нас ни е тешко ќе преземеме соодветни законски мерки, рече Битиќи.
Според него, покачувањето на цената на маслото за јадење во некоја мера е оправдано поради светското движење на цените, но се прават калкулации и околу зголемување на цената на овој продукт. Наскоро ќе се знае дали е оправдано зголемена цената на маслото од 95 денари.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски за ВЕЧЕР изјави дека дел од инспекторите изминатите два дена се на терен во маркетите со цел да утврдат дали зголемувањето на цените е оправдано или вештачки.
-Инспекторите овие два дена се вакцинираат и од четврток ќе започнат со поголеми контроли во маркетите за да испитуваат дали има неправилности и вештачко зголемување на цените. Инспекторите ќе проверуваат дали цените кој се на фискална сметка се исти со цените што се истакнати на рафтовите, исто така ќе ги проверуваат и набавните цени на производите, изјави директорот на ДПИ, Пауновски.
Граѓаните се жалат дека секое одење на пазарење се соочуваат со нови цени на најнеопходните прехранбени производи. Велат дека сè е поскапено – јајцата, шеќерот, млечните производи, овошјето, зеленчукот, а најмногу маслото за јадење. Тие реагираат дека во услови на криза не треба да се зголемуваат цените на основните производи и дека државата треба да интервенира кога кај некој прехранбен производ има поголем раст на цената.
Со прогласување на пандемијата на 11 март 2020 година, Владата донесе одлуки со кои се определија највисоките цени во трговијата на големо и мало на леб, сол, шеќер, масло, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини…, но од Министерството за економија велат дека нема да има ново замрзнување на цените на основните прехранбени производи, бидејќи за тоа нема законски услови.
Цените на прехранбените производи растат и на глобалните пазари веќе десет месеци по ред, а најголем пораст има кај млечните производи, месото и растителните масла, информира Организацијата за храна и земјоделство на ОН.
Најголемо поскапување од 3,9 отсто на месечно ниво во март забележаа млечните производи. По раст први се цените на путерот, поттикнати од пониската понуда во Европа, а зголемената побарувачка поради очекуваното закрепнување на прехранбените услуги. Цените на растителните масла во март пораснаа за 0,8 отсто проценти во споредба со февруари, достигнувајќи највисоко ниво во последните 10 години.

(А.С.)