Што ќе се брише од учебниците по историја по барање на Бугарите?

260

Освен учебниците, Комисијата ги разгледува и прашањата за заеднички чествувања. Целта на заедничките чествувања, како што појаснуваат од Комисијата, е одредени историски личности наместо извор на конфликти да претставуваат симбол за приближување. Тука се Цар Самоил, Свети Наум, Светите Кирил и Методиј, Гоце Делчев, Григор Прличев, настани како Илинденското востание

Начинот на кој античкиот период е прикажан во учебниците по историја во  основните училишта во Македонија и Бугарија, беше во фокусот на разговорите кои Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, ги имаше изминатите два дена во Скопје. Целта, според оваа Комисија, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото и да се усогласат ставовите како деловите од историјата во учебниците да биде прикажана на начин кој нема да биде навредлив за никого.

На последниот состанок, во фокусот беше антиката и начинот на кој таа е прикажана во учебниците за петто одделение во Бугарија и за шесто во Северна Македонија. Како проблематично и за едната и за другата страна се јавува, како што појаснува Ѓоргиев, на пример картографското претставување на одредени територии во праисторијата, во антиката и средниот век. Во своето работење Комисијата поаѓа од тоа дека не може да се игнорира заедничката историја, ниту споделените истории, настани и личности и оти во историјата сите процеси, настани и личности не се исклучиви и ексклузивни. Тие не се одвивале на некој остров изолиран од развојот на други процеси и истории, напротив, процесите и историските развои се инклузивни и настануваат како резултат на преплетувања, вмрежувања, размени и контакти.

Освен учебниците, Комисијата ги разгледува и прашањата за заеднички чествувања. Целта на заедничките чествувања, како што појаснуваат од Комисијата е одредени историски личности наместо извор на конфликти, да претставуваат симбол за приближување. Тука се Цар Самоил, Свети Наум, Светите Кирил и Методиј, Гоце Делчев, Григор Прличев, настани како Илинденското востание. Како периоди каде што ќе треба да се вложат поголеми напори за да се приближат ставовите и да се постигне решение, кое ќе ги поврзе двете држави, но нема да биде навредливо за националните чувства ниту на едната, ниту на другата, е периодот на 19 и 20 век.

Каков конкретен договор имало, не успеавме да дознаеме, бидејќи до затворањето на весникот немаше официјална информација, но, неодамна директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев, кој е и координатор на македонската група во мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања, во интервју за весникот „Вечер“ истакна дека е потребно да се дискутира и дебатира со колегите од Бугарија за историски прашања кои со децении ги оптоваруваат односите на двете земји и дека надминувањето на тие несогласувања, пред сè во учебниците по историја, може да се постигне само со дијалог.

„Доколку отворено не разговараме за нашите несогласувања, за нашите и нивните ставови околу одредени настани и личности, сметам дека историјата секогаш ќе биде пречка меѓу двете држави. Затоа и работата на комисијата е еден од важните елементи кој може да помогне во целокупниот процес да се помрднат работите во меѓусоседските односи. Лично сметам дека е потребен дијалог за сите отворени историски прашања со соседите бидејќи ќе придонесе за подобрување и на учебниците по историја и на историографиите на двете држави. Притоа, исклучително е важно разговорите да продолжат да се одвиваат на рамноправна основа и тогаш ќе има и резултати“, истакна за весникот „Вечер“, Ѓорѓиев.

Тој вели дека двете страни веќе имаат разменето забелешки не само за антиката, но и за праисторијата и средниот век.

„Недоразбирањата кои постојат меѓу двете историографии се отсликуваат и во учебниците по историја. Ние се обидуваме присутните недоразбирања, па и погрешно пренесени факти кои постојат, да ги надминеме и отстраниме. Тоа е и главната идеја на оваа комисија. Ги бараме и потенцираме оние елементи кои не поврзуваат и можат да помогнат во едуцирањето на младите, за да не создаваме генерации кои историјата ќе ги разделува. И од тој аспект мислам дека има простор за подобрување и на македонските и на бугарските учебници. Имајќи ги предвид досегашните дискусии, сметам дека може да се направи чекор напред за нивно усогласување. Овде уште еднаш сакам да потенцирам дека работата на комисијата не е да ја менува историјата туку да даде препораки до владите на двете земји како да се подобрат учебниците и како да се надминат недоразбирањата околу одредени личности и настани кои се еднакво присутни во меморијата и историскиот наратив на двете држави”, додаде Ѓорѓиев во интервјуто за весникот „Вечер“.

Комисијата е формирана за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно членот 8, став 2, од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој беше потпишан на 2 август 2017.