Цигарите поскапи за 10 денари од кутија, а граѓаните ќе добијат нови сметки за струја, вода…

Од 1 јануари цигарите поскапени од 5 до 10 денари од кутија, а освен нова цена на струјата, граѓаните плаќаат и нова давачка „пристап до мрежа“, кој чини 200 денари. Оваа ставка важи за сите, а ќе ја плаќаат и оние кои имаат празни станови, куќи и викендички. Освен нови сметки за струја, дел од граѓаните добија и нови повисоки сметки за вода за 33 отсто. Добрата вест е што и за празниците ќе имаат „гарантирани цени“, а поголем дел, односно околу 80 отсто веќе добија и евтина струја

7506

Од 1 јануари цигарите поскапеа од 5 до 10 денари од кутија, а освен нова цена на струјата, граѓаните плаќаат и нова давачка „пристап до мрежа“, кој чини 200 денари. Покрај нови нови сметки за струја, дел од граѓаните плаќаат за 33 отсто и повисоки сметки за вода. Добра вест за граѓаните е што и за празниците ќе имаат „гарантирани цени“, а поголем дел, односно околу 80 отсто веќе добија и евтина струја.

Од Нова година струјомерите почнаа да вратат по нова цена. Во првиот блок има  незначителна надолна корекција на цената на струјата од 5,16 отсто, во вториот блок и евтината тарифа цената останува иста. Најголемо поскапување од речиси 3 отсто има во третиот блок, во кој пак во текот на најладните месеци кои следуваат, се префрлаат голем дел од потрошувачите, а во четвртиот блок зголемувањето изнесува 1,86 отсто. Овие цени се збир од цената на електричната енергија плус мрежарината.

Новиот надоместок „пристап до мрежа“ чини 200 денари. Оваа ставка важи за сите, а ја плаќаат и оние кои имаат празни станови, куќи и викендички. Новиот додаток се воведува за да има фер распределба на трошокот на мрежа меѓу редовните корисници и оние кои повремено ги користат објектите. Освен нови сметки за струја, дел од граѓаните плаќаат и нови повисоки сметки за вода за 33 отсто.

Поскапеа и цигарите. Согласно со измените на Законот за акцизите усвоени во октомври лани, цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари поскапуваат секоја година на 1 јануари. Цигарите ќе поскапат за 5 до 10 денари по кутија, а Владата очекува да има зголемување на приходите во буџетот за околу 13 милиони евра годишно.

Според усвоените измени, поскапувања ќе има до 2030 година, а акцизата на цигарите ќе расте за 0,23 денари по парче. Ваква одредба имаше и досега, но таа истече годинава што измина.

Добра вест за граѓаните е што и за празнициве ќе имаат „гарантирани цени“, а поголем дел веќе добија и евтина струја.

Имено, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека мерката ќе продолжи најмалку уште еден месец, односно и во текот на јануари. Оваа одлука беше предвидено да заврши на 31 декември, но сепак замрзнатите цени ќе се практикуваат сè додека не биде донесен Законот за нефер трговски практики.

Досега речиси 80 отсто од граѓаните веќе имаат дневна евтина струја. Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, враќањето на евтината дневна тарифа на струјата на домаќинствата ќе им овозможи заштеда и до 1.000 денари месечно.

Но, економските експерти не се оптимисти кога во прашање се цените на храната. Според нив, откако ќе престанат да важат владините мерки се очекува повторно зголемување на цените на некои прехранбени производи.

На светските берзи, пак, се зголемија цените на шеќерот, какаото, кафето… Цената на какаото скокна за 64 отсто, бидејќи залихите во Западна Африка беа тешко погодени од обилните дождови и проблемите како што се габични заболувања. Кафето „робуста“ достигна 15-годишен максимум на 15 декември, додека цените на шеќерот се зголемија за 13 отсто во 2023 година.

(А.С.)