Тутунот во Струмичко откупен за 285 денари за килограм

49

Тутунот од ланската реколта во Струмичко е откупен по просечна цена од 285 денари, а откупните пунктови на компаниите завршија со откуп на крајот од минатата година.

Според информацијата од Марјан Трајков, претседател на Здружението „Басмак“ од село Василево, годинава за разлика од лани тутунарите се задоволни од откупните цени, иако не во целост бидејќи производствената цена на еден килограм тутун изнесува околу 245 денари.

– Со постигнатите откупни цени и кога на тоа ќе се додадат субвенциите од 60, 70 и 80 денари за предаден килограм тутун, се доаѓа до некоја задоволувачка откупна цена, но ако заработката се подели на едно четричлено семејство, тогаш тоа и не е толку многу – смета Трајков.

Според него производството во Струмичко се намалува од година во година, а ланското производство е помало во споредба со 2021 година за околу 20 отсто. Инаку, годинава во овој регион се предадени и откупени околу еден милион килограми тутун.