Со нова бушотина ќе се решава проблемот со водоснабдувањето во Кучково

132

Ќе се прави нова бушотина близу манастирот „Свети Ѓорѓија“ со која Општина Ѓорче Петров ќе го реши проблемот со водоснабдувањето во селото Кучково, проблем кој се провлекува со децении. Активностите на терен би започнале на почетокот од наредниот месец, бидејќи во тек е изборот на фирма која ќе ги изведува работите на терен.

– Во тек е тендерската постапка за избор на фирма која ќе ја прави бушотината. Отворањето на понудите е на 18 јули. Во моментов, во Кучково има четири бушотини, од кои три се активни, бидејќи поради немарност на жителите при одржувањето, таа била затната. Во текот на одржувањето, тие на своја рака ја чистеле цевката, при што заглавиле друга цевка – објаснуваат од локалната самоуправа.

Малата издашност на постојните бушотини, како што тврдат општинските власти, не ги задоволува ни основните потреби на жителите. Тие наведуваат дека според она што им го покажале инструментите, новата бушотина ќе има издашност на водата од два литра во секунда, што заедно со другите постојни бушотини ќе биде доволно за потребите на жителите, бидејќи проектираните потреби се издашност на водата од 2,7 литри во секунда.

Согласно со мерењата направени од ИЗИИС, во овој дел има вода поради самата поставеност на карпите. Издашноста на водата е од 1 до 5 литри во секунда, а во некои делови и до 10 литри во секунда.

 Се очекува со оваа бушотина да се задоволат моменталните потреби за водоснабдување на селото Кучково.

Во моментов, Kучково се снабдува со вода од три постојни бушотини, чија мала издашност (особено во летниот период) не ги задоволува ни основните потреби на жителите.

(А.П.)