Сега во кеш можеме да плаќаме до 3.000 евра, од 2023 година до 2.000, а од 2024. најмногу 1.000 евра

Забрането е вршење на готовински трансакции поврзани со размена на виртуелни средства за пари во износ над 500 евра во денарска противвредност, во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, кои не одат преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги. Продолжува и забраната за работа со таканаречените школка банки, кои се финансиски институции коишто во државата во која се регистрирани немаат деловни простории, вработени и органи на управување и не се членки на банкарска или друг вид групација која е предмет на супервизија на консолидирана основа

324

Од 2.000 евра границата за плаќање на стоки и услуги во готовина се качува на 3.000 евра. Ова е предвидено со новиот Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам кој денеска стапи во сила.

-Се забранува плаќање со готовина на стоки и услуги во износ од 3.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги, доколку со друг закон не е поинаку уредено. Субјектите што со закон се овластени за регистрација на хартии од вредност, друг имот или правни работи или за пријавување или вршење на пренос на пари, хартии од вредност или друг имот, можат да извршат таква регистрација или пренос само ако клиентот поднесе доказ дека преносот на парите над износот од ставот (1) на овој член е извршен преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.  Забраната од ставот (1) на овој член не се однесува на приредувачите на игри на среќа, гласи членот 58, со кој се лимитира плаќањето во кеш.

Казните за непочитување на овие обврски остануваат исти како и досега и се движат од 20.000 до 120.000 евра, во зависност од големината на компанијата.

Но, со преодните одредби на овој Закон, во наредните години границата за ваквите плаќања се симнува до 1.000 евра. Поточно, од 1 јануари 2024 година во готовина ќе може да се плаќа најмногу до 2.000 евра, а од 1 јануари 2025 година до 1.000 евра во денарска противвредност.

Кога се во прашање виртуелните средства, забрането е вршење на готовински трансакции поврзани со нивна размена за пари во износ над 500 евра во денарска противвредност, во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, кои не одат преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

Исто така и со новиот Закон продолжува забраната за работа со таканаречените школка банки (Shell bank). Тоа се финансиски институции кои во државата во која  се регистрирани немаат деловни простории, вработени и органи на управување и не се членки на банкарска или друг вид групација која е предмет на супервизија на консолидирана основа.

-Се забранува финансиските институции и давателите на услуги поврзани со виртуелни средства да воспоставуваат или да го продолжат деловниот однос со Shell bank (банките школки) и да започнат или продолжат кореспондентски деловен однос со банка за која знаат дека дозволува отворање и работење со сметки на Shell bank (банките школки). Се забранува банки школки на кој било начин да вршат финансиски активности во Република Северна Македонија, се наведува во Законот.

Од денеска тече и рокот за упис на вистинските сопственици во Централниот регистар, според правилата од новиот Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Вистинските сопственици имаат рок за упис од најмногу 15 дена, сметано од денеска. Истиот рок важи и кога се менуваат податоците на вистинскиот сопственик. Од денеска почна да тече и рокот од три месеци за запишување на вистинските сопственици на котираните компании на Македонската берза. Фондациите, кои и со постојните прописите за спречување на перење пари и финансирање на тероризам имаа обврска да запишат вистински сопственик, сега имаат обврска во рок од 15 дена тие податоци да ги усогласат со новите законски одредби.

(С.В.)