РЕК Битола доби А еколошка дозвола, но и натаму ќе нè труе

Термоелектраната РЕК Битола годишно испушта околу 2.700 тони ПМ 2,5 честички во воздухот, со што е на второ место во Европа веднаш зад термоелектраната „Косово А“ во близина на Приштина. РЕК Битола е во европскиот врв и според емисијата на сулфурен диоксид СО2, со околу 67 илјади тони годишно. Е токму оваа наша, опасна за здравјето, електрана, од Министерството за животна средина доби А-интегрирана дозвола со вклучен оперативен план за да може овој енергетски капацитет до 2026 година да ја усогласи работата со новата директива за индустриски емисии. Според дозволата, граничните емисии во воздухот од оџаците на РЕК Битола треба да опаѓаат до 2026 година. Концентрациите на сулфур за 2023 година се лимитирани на 400 мг/м3, а во 2026 треба да паднат на 200. Истото се однесува и за азотните оксиди кои треба да паднат од 500 на 200 мг/м3, додека за јаглеродниот моноксид утврдената граница е 100. ПМ честичките и прашината се ограничени на 50, односно 20 мг/м3 за 2026 година

79

Термоелектраната РЕК Битола годишно испушта околу 2.700 тони ПМ 2,5 честички во воздухот, со што е на второ место во Европа, веднаш зад термоелектраната „Косово А“ во близина на Приштина. РЕК Битола е во европскиот врв и според емисијата на сулфурен диоксид СО2, со околу 67 илјади тони годишно.

Е токму оваа наша, опасна за здравјето, електрана од Министерството за животна средина доби А-интегрирана дозвола со вклучен оперативен план за усогласување на работата на овој енергетски капацитет со новата директива за индустриски емисии. Главната и најскапата активност предвидена во оперативниот план се однесува токму на намалување на емисиите на сулфур и прашина во воздухот и чини 145 милиони евра.

– Генералните политики на Владата и на Министерството се да ги насочува активностите на индустриските капацитети кон користење на поеколошки горива и енергија добиена од обновливи извори – истакнуваат од ресорното Министерство.

Десулфуризацијата треба да се постигне преку намалување на прашината со реконструкција на електростатските филтри и замена на вентилаторите и каналите за димни гасови што би чинело 21 милион евра и рокот за завршување е во 2025 година. Паралелно треба да се работи и на замена на вентилаторите и каналите за димни гасови со изградба на постојка за десулфуризација, за што ќе бидат потребни 122 милиони евра и овие активности треба да завршат во 2026 година.

Според дозволата, граничните емисии во воздухот од оџаците на РЕК Битола треба да опаѓаат до 2026 година. Концентрациите на сулфур за 2023 година се лимитирани на 400 микрограми на кубен метар, а во 2026 треба да паднат на 200. Истото се однесува и за азотните оксиди кои треба да паднат од 500 на 200 микрограми на кубен метар, додека за јаглеродниот моноксид утврдената граница е 100. ПМ честичките и прашината се ограничени на 50, односно 20 микрограми за 2026 година. Енергетскиот капацитет е должен и во рок од шест месеци од издавањето на дозволата, да воспостави План за управување со прашина.

РЕК Битола во моментов има електростатски филтри, но нивната ефикасност е многу намалена, а како една од позитивните работи што ја оценуваат е фактот дека оџаците имаат висина од 250 метри, што е според најдобрите практики во моментот.

Екологистите сметаат дека посочените инвестиции требале да бидат направени уште многу одамна, затоа што енергетски инсталации како битолскиот комбинат не смеат да се остават да работат само со филтри за прашина. Мора вакви емисии, како прашина, ПМ честички и сулфурен диоксид да бидат постојано контролирани затоа што сериозно го загрозуваат здравјето на луѓето.

Во последните 10 години нема скоро никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за постепено негово напуштање. За да државата ја намали зависноста од увозна струја, во погон се ставени трите блока на РЕК Битола, а исто така на јаглен максимално работи и РЕК Осломеј.

Екологистите се децидни дека РЕК Битола во 2027 година треба да се затвори и дека Стратегијата за енергетика е јасна. Зеленото сценарио предвидува јаглеродна такса, која не можеме да ја избегнеме, бидејќи или ќе ја воведеме сами или ќе ја воведе Европската Унија за нашите компании кои извезуваат на европскиот пазар. Со тоа, сметаат, работата на овој капацитет ќе биде наисплатлива, а енергијата премногу скапа.

А-интегрираната дозвола предвидува и во рок од шест месеци од издавањето на дозволата комбинатот да воспостави Систем за управување со животната средина, Програма за управување со животната средина, План за управување со отпад, Програма за комуникација, а во рок од 18 месеци и Студија за присуство на тешки метали во подземните води.

(С.Бл.)