Промоција на книги од Сашо Кокаланов и Пламен Тотев во Куманово и Скопје

111

Во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово на 11 јануари со почеток во 19 часот ќе се одржи промоција на книгите „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов и „Животот на литературната класика“ од Пламен Тотев. На 12 јануари, во 19 часот, пак, книгите ќе се промовираат во бифето на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Промотори на книгите ќе бидат Петар Андоновски, Нове Цветаноски, Сашко Насев и Стојан Синадинов.

„Книгата на Кокаланов е фикција, негов петти роман, додека книгата на Тотев дава историски преглед врз развојот на античката и европската литература. Со овој настан ги започнуваме активностите на центарот во новата година“, се посочува од Центарот за култура Куманово.

Сашо Кокаланов е македонски новинар, романописец и драмски автор. Бил главен и одговорен уредник на весникот „Дневник“, а е и еден од авторите на сценаријата за македонските телевизиски серии „На терапија“, „Преспав“ и „Инсајдер“.

Пламен Тотев, пак, е бугарски книжевен истражувач, критичар и издавач, добитник на македонските литературни награди „Рациново признание“ и „Македонски книжевен дедал“ како и на бугарски награди за литературна критика. Има преведено голем дел  македонски книги на бугарски јазик.