Полицијата вештачи автомобил, има ли некаква поврзаност со Вања?

1637

Една недела по исчезнувањето на четиринаесетгодишната Вања од Скопје, девојчето се уште не е пронајдено. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, викендов изјави дека во петокот, до доцните часови се работело интензивно и дека пет лица се приведени, а  обезбедено е и возило кое се вештачи. Посочи дека се работи интензивно на случајот со исчезнувањето на Вања и дека интензивно се продолжува со понатамошни активности.

„Морам да кажам дека имаме приведено пет лица и обезбедено едно возило, со што се продолжува понатаму со активностите. Тоа е нешто плус што го презедовме во однос на сето она како доказ, како трага што го обезбедуваме, се со цел да дојдеме до расчистување на овој случај “ изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спаосвски.

Се уште нема дополнителни информации од полицијата за петте приведени. Согласно закон, полицијата или треба да ги ослободи или пак да ги предаде до судија на претходна постапка кој би одредил притвор, одземал пасош, домашен притвор или пак други мерки со кои се ограничува нивното движење. Од МВР не соопштуваат повеќе детали каква ќе биде постапката на полицијата, додаваат само дека се работи на случајот и кога ќе имаат дополнителни информации истите ќе бидат споделени со медиумите.

Министерот Спасовски претходно опомена дека предвремено споделување на информации прави проблем на истрагата. Додаде дека тие факти коишто ги утврдиле преку истражни мерки ќе бидат соопштени во јавноста и повтори дека не е точно дека на Вања и се губи трага кај „Силбо“, односно кај „Броз кафе“, со цел да не се шират повеќе шпекулации.

„Ви се заблагодарувам на сите вас заради тоа што навистина објективното пренесување на сите информации, па и околу овај случај, сериозно влијае на спротивставувањето на лажните вести и на сите оние коишто сакаат од неразбирливи причини, без разлика од што се мотивирани, да ги пласираат во јавноста“ – вели Спасовски.

Инаку, во текот на истрагата, повеќе од 50 камери односно места каде што има камери се преземи и прегледани. Министерот Спасовски истакна дека целосно е во функција системот безбеден град, сите податоци од телекомуникациските операторите се земени, сослушани се десетици лица од кои се земени податоци и информации во однос на целиот овој настан.

Медиумите објавија дека форензичката анализа на автомобилот се уште трае. Целта е да се утврди дали е поврзан на било каков начин со исчезнувањето на 14 годишната Вања. Собраните материјали и докази ќе бидат испратени во форензичка лабораторија за дополнителна анализа. Ова може да вклучува ДНК анализа, анализа на отпечатоци од прсти и хемиска анализа на течности и други материјали. Ако возилото е опремено со современи технологии како GPS, полицијата може да провери историјата на навигација за да утврди местоположбата на возилото во времето кога е исчезнато девојчето.

Вања Ѓорчевска исчезна во понеделникот во период по 7.20 часот, на пат кон училиштето Песталоци во близина на Дебар Маало. Во изминатиот период, на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнатото девојче од страна на Интерпол.