Сосема е јасно дека ќе биде предизвик во 2021 година да се постигне проектираната стапка на раст на економијата од околу 4%. Сепак, со оглед на ниската база од оваа година, може да се очекува позитивна стапка на раст на БДП. После ова ќе остане прашањето (главоболката) како да го вратиме долгот од скромните јавни приходи. Наместо да инвестираме во патишта, училишта и тн, ние ќе мора да плаќаме високи трошоци за долгот. Затоа постојано апелирам до носителите на политиките дека мора истовремено да размислуваат и дизајнираат мерки за спасување на компаниите со проблеми, но и мерки за поттикнување на инвестиции, раст на продуктивност, иновации…, вели за весникот ВЕЧЕР ,  Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.

 

Според сегашната здравствена состојба во земјава и глобално и бавниот процес на вакцинација, очигледно дека и 2021 година ќе биде тешка година за граѓаните, бизнисите и за носителите на политиките. Досегашните четири пакети на мерки за поддршка на компаниите и граѓаните во одредена мерка ги намалија негативните ефекти од економската криза и зачуваа доста работни места. Компаниите успеаа да се прилагодат делумно на новата ситуација, на пример преку промена на начинот на продажба, промена на производите и услугите кои ги нудат и тн. Но, повеќето компании прилагодувањето го сметаат како краткорочна нужност, сметајќи на брзо нормализирање на ситуацијата, вели за весникот ВЕЧЕР, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, за тоа што не очекува на економски план во годината пред нас и какви се шансите  македонската економија од рецесија да влезе во зона на економски раст.

-Најновата анкета на организациите на работодавачи покажува дека во период ноември-декември 84% од анкетираните претпријатија работеле со полн капацитет (некои онлајн а некои со физичко присуство), додека во првичната анкета спроведена во април-мај, само 57% од компаниите работеле со полн капацитет.

Веќе го ситниме првиот месец во 2021, но ситуацијата е далеку од нормализација. Компаниите се соочуваат со намалена домашна побарувачка (со ислучок на некои производи/услуги), ниска надворешна побарувачка, и неизвесност. Македонската влада донесе одлука да не го ограничи целосно функционирањето на некои клучни сектори како угостителство, потег кој го применуваат повеќе западно европски земји. Тоа е разумна одлука од економски аспект, но ризична од аспект на здравствената ситуација. Веројатно дури во април ќе можеме да процениме дали и 2021 година ќе биде изгубена година или ќе почнеме да функционираме нормално. Во анкетата спомената погоре, 37% од компаниите сметаат дека поддршката на владата за бизнисот била релативно добра, но само 3% велат дека мерките ја спасиле компанијата. 9% велат дека ќе преживееле и без мерките, а 13% сметаат дека мерките не биле соодветни. 41% велат дека нивната компанија нема да опстои без дополнителна поддршка од владата (петти пакет на мерки). Како најкорисни мерки компаниите ги издвојуваат субвенцијата на плата и ликвидносните заеми на Македонската развојна банка, вели Мојсоска.

Сосема е јасно дека ќе биде предизвик во 2021 година да се постигне проектираната стапка на раст на економијата од околу 4%. Сепак, со оглед на ниската база од оваа година, може да се очекува позитивна стапка на раст на БДП. После ова ќе остане прашањето (главоболката) како да го вратиме долгот од скромните јавни приходи. Наместо да инвестираме во патишта, училишта и тн, ние ќе мора да плаќаме високи трошоци за долгот. Затоа постојано апелирам до носителите на политиките дека мора истовремено да размислуваат и дизајнираат мерки за спасување на компаниите со проблеми, но и мерки за поттикнување на инвестиции, раст на продуктивност, иновации и тн. Има многу примери на компании и цели индустрии од земјава и странство кои ја искористија кризата на најдобар можен начин, да се подобрат. Мора да се поттикне раст на оние компании/сектори кои имаат потенцијал, за да создаваат поголем БДП во иднина и да се зголеми капацитетот на државата за јавни инвестиции и за враќање на долговите. Пред се  преработувачка индустрија (специфично: прехранбена, автомобилска и фармацевтска индустрија), ИТ индустрија и други помали сектори но со голем потенцијал за раст, потенцира Мојсоска.

(В.М.Б.)