Независноста на судството не трпи политички договори 

34

Независноста на судската власт е уставно загарантирана и извршната власт и политичките партии треба да се воздржат од изјави и дејствија со кои ја загрозуваат, реагираа од Блупринт групата за реформи во правосудството, во врска со изјавата на премиерот Зоран Заев дека е постигната согласност со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, Владата да испрати официјално барање до Европската комисија за правна експертиза на неколку правосилно завршени судски процеси.

„Според објавените информации се работи пред сѐ за предметите: „Монструм“, „Диво Насеље“ и „Алмир Алиу“, кои заради последиците кои ги предизвикаа како и меѓуетничкиот предзнак влијаеја особено поларизирачки врз општеството. Ваквата практика, со политички договори, помеѓу претставници на политички партии да се договора „меѓународна истрага“ на правосилно завршени судски предмети, притоа заобиколувајќи ги воспоставените механизми во рамки на правосудниот систем, ја доведува во прашање искреноста на Владата во почитување на принципот на поделба на власта и гарантирање на независноста на судската власт“, се вели во соопштението од Блупринт.

Тие наведуваат дека домашниот правен систем предвидува механизми за „отворање“ на правосилно завршени постапки, дополнително посочувајќи дека меѓународната заедница, која е присутна преку своите организации во нашата земја, континуирано врши мониторинг на работата на судството и обвинителството, како и на судските предмети, а за што постојат и извештаи. Сметаат дека со ад хок политички решенија за „меѓународни истраги“ се смалува довербата на граѓаните во правосудството, а се доведуваат во прашање  и спроведените реформи во последните неколку години.

„Оваа вонинституционална практика создава чувство на правна несигурност, но дава и лажна надеж дека постои „друга“ инстанца која е над судовите во  Македонија, а со што сериозно се нарушува почитувањето на темелните вредности на Уставот, поделбата на власта и владеењето на правото“, се вели во реакцијата на Блупринт групата за реформи во правосудството составена од Македонско здружение на млади правници, Институт за европска политика, Институт за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Хелсиншки комитет за човекови права, Центар за правни истражувања и анализи и Фондација Отворено општество – Македонија.

Со сличен став е и професорот Гордан Калајџиев кој смета дека не може да се води ниту меѓународна истрага, ниту пак да се мониторираат завршени судски случаи. Тој истакна дека во момент кога имаме аспирации за ЕУ политичко самоубиство е да признаете дека имате проблеми со судство и политички процеси.

„Тоа значи дека не ги исполнувате критериумите и ова ќе ни удри од глава и од Бугарија и од другите во вакви моменти кога сакаме да добиеме датум“, рече Калајџиев.

Професорот Жидас Даскаловски од Центар за истражување и креирање политики смета дека „постојаното инсистирање на меѓународна експертиза е знак дека Владата се откажува од сувереноста“.

„Дали владата предводена од СДСМ од 2017 година до денес правилно го спроведе концептот „едно општество за сите? Зошто барањата на Алтернатива се однесуваат на осудени етнички Албанци, за кои тие сметаат дека судот донел погрешни пресуди заради нивната припадност“, прашува професорот Даскаловски. 

И лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, смета дека е спорен договорот за меѓународна истрага за некои судски процеси.

„Ова не може да биде предмет на договор. Алтернатива бара некаква амнестија и тука не смее да стане збор. „Диво Насеље“ е терористички акт, а „Монструм“ двапати се судеше“, истакна Трајанов.

Во врска со барањето на Алтернатива, премиерот Заев објасни дека се вклучени и други случаи, како оној за новинарот Никола Младенов, а од експертите ќе бидат побарани само анализи и коментари.

(И.С.)